Англиската фудбалска репрезентација скоро сигурно ќе клекне на колена пред почетокот на секој меч на Светското, како продолжение на акцијата од здружението BLM (Black Lives Matter) која започна во САД 2020-та.
Но капитенот Хари Кејн и селекторот Гарет Саутгејт ќе мора неколку пати да размислат дали ќе ја поддржат ЛГБТ заедницата со капитенска лента во боите на виножитото затоа што ФИФА најавила дека ќе казнува со жолт картон ако некој носи нешто што не е во сооднос со нивните правила.
ФИФА во меѓувреме побарала и од капитените на сите репрезентации да носат различни капитенски ленти на секој меч со цел да се промовира порака „Фудбалот го обединува светот“. Исто така, пишува Гардијан, ФИФА би можела да прати официјални лица во секоја соблекувална за да ги отстрани лентите со виножито.
После ова се огласи извршниот директор на англискиот ФА Марк Балингем.
„Постои и друг начин да се покаже почит кон споменатите вредности. ФИФА беше многу јасна во врска со санкциите кои ги чекаат капитените на самиот терен. Ние како национални федерации не смееме да ги ставаме играчите во позиција да сносат спортски санкции на терен, па ги замоливме капитените да не се обидуваат да носат поинакви ленти на натпреварите од Светско првенство Бевме спремни да платиме и парични казни, но не и да ги ставаме играчите во положба на ризик од суспензија“.
Два жолти картони по ред на два меча автоматски значат и суспензија на првиот следен.
За да се осигура дека некој играч нема да излезе со таква лента ФИФА планира и да казнува со жолт картон уште пред стартот на мечот, односно фудбалерот да го започне мечот со жолт картон до своето име.
ФИФА стои до ставот дека има свои регулативи и правила и дека не може кој сака своеволно да ги крши со тоа што ќе излегува како ќе посака на теренот.
Хари Кејн вели: „Ние бевме јасни како тим и стручен штаб и федерацијата дека сакаме да ја носиме таа лента (во боите на виножитото). Знам дека ФА разговара со ФИФА во моментов и сигурен сум дека ќе изнајдат решение. Мислам дека сме јасни дека сакаме да ја носиме“.
Што се однесува до холандскиот капитен Ван Дајк, после првичната најава дека ќе носи две ленти, исто како и Кејн, една од ФИФА официјална а друга со виножито, прашање е дали и натаму стои на тој став по најавата од ФИФА дека би можела да дава жолти картони ако се кршат нивни регулативи.
Селекторот Ван Гал вели:
„Нема понатаму да зборувам за политички проблеми. Фокусиран сум на претстојниот меч и ставам стоп на сите тие проблеми откако ги поканивме мигрантите-работници да дојдат на нашиот тренинг. Побарав и од сите мои играчи да престанат со тоа (да зборуваат за политички прашања) зошто сакам да се фокусираат само на фудбал и да се фокусираат на мечот со Сенегал“.
Белгија исто се повлекла од идејата капитенот Еден Азар да носи таква лента зошто ФИФА им наредила на судиите да доделат жолт картон на стартот на мечот.
Капитенот на франција веќе си го кажа своето и не помислува на таква лента во Катар.