Клубовите од целиот свет беа многу активни, но сепак не се расфрлаа со многу пари, па имаше само десетина трансфери на фудбалери кои вредеа повеќе од 10 милиони евра.
Најголем беше трансферот на Лукас кој од Сао Паоло во ПСЖ премина за 40 милиони евра. Трансферот на Вилиан од Шахтер во Анжи вреди 35 милиони евра, а Милан го купи Балотели за 20 милиони. Од поголемите трансфери уште се издвојуваат преминот на Таисон од Металист во Шахтер, трансферот на Пато од Милан во Коринтијанс и преминувањето на Даниел Стариџ од Челси во Ливерпул.

Во овој трансфер период најголеми трошаџии беа арапите од ПСЖ кои за нови фудбалери потрошија 40 милиони евра. Зад нив се Анжи со 39, Милан потоши 31, а КПР и Ливерпул по 25 милиони евра.
Севкупно во најголема загуба испаднаа клубовите од англиската Премиер лига. Тие за трансфери потрошија околу 145 милиони евра, а добија 60, односно изгубија 85 милиони евра. Клубовите од Серија А на трансфери потрошија 93 милиони евра, руските клубови за нови фудбалери дадоа 85 милиони евра.
Бразилците дадоа 40 милиони евра, а од продажба на играчи добија 76, што значи дека ќарија 36 милиони евра.
Најдобар бизнис во овој преоден рок направија Хрватите. Тие за нови играчи потрошија само 330.000 евра, а направија неколку трансфери (како оној на Матео Ковачиќ во Интер за 11 милиони евра) со вкупна вредност од 18.650.000 евра. Тоа значи дека тие ќарија сума која е 55 пати поголема од нивниот трошок.