Англичаните се најгледани и најплатени

Англиските клубови се најзастапени на ТВ и нивните играчи се најдобро платени во Европа, а италијанскиот фудбал е втор на двете рангирања пред шпанското и германското првенство.

Англиската Премиер лига е најбогата и најатрактивна лига, а поголемиот дел од нивната ТВ публика доаѓа од странство. Фактот што италијанското првенство повеќе не се прикажува бесплатно во Македонија, не влијаеше на вкупната бројка на гледаноста на Серија А и оваа лига е на второто место по гледаност на ТВ.

Вкупната ТВ публика за Премиер лигата изнесува 4,7 милијарди луѓе. Италијанската Серија А низ светот ја следат 1,7 милијарди, Германската Бундеслига 1,22 милијарди, а Шпанската Примера на ТВ ја гледаат 836 милиони луѓе.

Повеќе гледачи носат и повеќе пари. Премиер лигата заработува по 1,96 милијарди евра годишно од ТВ правата. Серија А 840 милиони, шпанската лига 644, а Бундеслигата 485 милиони евра.

А повеќе пари за лигата значат повеќе пари за клубовите, односно поголеми плати за играчите. Фудбалерите во Премиер лигата во просек заработуваат по 2,7 милиони евра. Во Серија А играчите имаат просечна плата од 2,1 милиони, нивните колеги во Шпанија заработуваат во просек по 1,9 милиони, а најмали се платите во Бундеслигата каде во просек фудбалерите имаат плата од 1,6 милиони евра.

11 декември 2013 - 10:46