Ангелот кој со години му чува грб на Меси

Во дури 5 големи финалиња во кариерата, Анхел Ди Марија постигна 3 погодоци и е најзаслужен за многу вредни трофеи на својата репрезентација.

Неочекувано за сите, Анхел Ди Марија кој неколку недели пред Светското влечеше повреда и кој дојде ровит во Катар, во финалето заигра од почеток и тоа од левата страна каде што не играл одамна.

Уште во првиот дел заработи пенал и постигна гол за величествен настап кој ќе се памети вечно.

Со освоената шампионска титула на Аргентина, Ди Марија стана прв играч во историјата со гол во финале на Светско првенство, финале на Олимписки Игри, Копа Америка!

Во 2008-ма година со негов гол Аргентина освои злато на Олимписките Игри во Пекинг. Прекасен лоб, негов заштитен знак.

Во 2021-ва со прекрасен, феноменален гол среде „Маракана“ го урна Бразил во финале на Копа Америка и ѝ донесе нов пехар во овој турнир на својата земја, прв после повеќе од три децении. Пак со преубав лоб:

На стартот на Светското кога сензационално изгубија од Саудиска Арабија, Ди Марија одигра блед меч и беше можеби најслаб на терен меѓу Аргентинците. Потоа на следните 3 меча исто одигра прилично незабележително, а единствен позитивен момент му беше асистенцијата до Меси за голот со Мексико.

И на крај дојде финалето...

А тоа е дуел кој Ди Марија најдобро знае како се игра.

Тој е главен специјалист за финалиња на Аргентина.

Долго време единствен трофеј на неколку генерации Аргентинци им беше златото на Олимписките Игри во 2008 во Пекинг.

После цели 13 години чекање и многу разочарувања во епоха на Лео, конечно славеа на Копа Америка во 2021-ва. Големо финале против Бразил на нивен терен. Кој ја решава? Повторно Анхел и повторно со маестрален, епски лоб удар.

Во меѓувреме Аргентина играше и натпревар Финалисима, дуел кој ФИФА реши да го возобнови и на кој играат шампионот од Јужна Америка и шампионот од Европа. Аргентина ја згроми Италија со 3:0 а Ди Марија го постигна вториот гол на таа средба.

Во 2014-та Анхел се повреди во четвртфиналето на Светското во Бразил и го пропушти големото финале со Германија кое „гаучосите“ го загубија трагично, со гол во длабоки продоложенија.

„Многу сакав да играм тогаш, па дури и да ме чинеше цела кариера подоцна. Но не сакав да ја изневерам екипата. Можев да трчам под инјекции против болки и ништо да не чувствувам.

Сабајлето пред финалето (2014) се сретнав со мистер Сабеља (селектор на Аргентина на тој Мундијал), ја ставив раката на срце и му кажав дека може да ме стави во составот ако треба: „Ако ме пуштите, ќе играм додека не се скршам“, му рекол Анхел.

ДИ МАРИЈА И МЕСИ ИГРААТ ЗАЕДНО ЦЕЛА КАРИЕРА ВО РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА, ПРЕЖИВЕАА МНОГУ ПОРАЗИ НО НА КРАЈ ДОЖИВЕАА ЕКСТАЗА

Анхел и Лео се од ист град - Розарио. И двајцата имаат сјајни кариери. Во репрезентација се сретнале уште од рана возраст, а нивниот тандем започна од Олимписките Игри 2008. И веднаш освоија злато.

Интересно е што Лео и Ди Марија имаат освоено и Светско првенство У-20, но во различни години: Меси во 2005-та, а Ди Марија во 2007-ма. И со двајцата играл Агуеро.

Во сениорска репрезентација Ди Марија дебитирал подоцна, но продолжил заедно со Лео да бие битки на различни фронтови. Во 2010-та двајцата беа дел од тешкиот пораз од Германија (0:4) на Светско првенство во Јужна Африка.

Во 2011-та заедно го ловеа пехарот на Копа Америка кога Тевез промаши пенал во елиминацијата од Уругвај.

Копа Сентенарио, јубилејната Копа Америка која прослави 100 годиини од првиот организиран турнир, во 2016-та значеше нов пораз на пенали на Лео и Анхел, и тоа одново од големиот ривал Чиле.

Во 2014-та Германија пак им го скрши срцето. Анхел тоа финале го следеше од клупата за резерви. На Копа Америка 2014-та испаднаа од Чиле. Игуаин и Банега промашија пенали а Ди Марија се повреди во 30’ минута од тој дуел.

На Светското првенство 2018 во Русија, во четвртфиналето против Франција, Меси имаше две асистенции, а Ди Марија го постигна првиот гол за Аргентинците кои на крај убедливо загубија 4-2.

Следуваше втора нивна заедничка голема победа. Ди Марија тогаш ја почна Копа Америка 2021 на клупата во плејоф дуелите, за да во финалето влезе во игра и да го постигне решавачкиот гол.

Ќе се памети и триумфот во Финалисима натпреварот меѓу шампион на Јужна Америка и Европа.

Анхел Ди Марија признава дека е пресреќен што игра заедно со Лионел.

„Он е најдобар на свет! Гном (таков е прекарот на Меси) е вонземјанин, не можам да поверувам. И пак ќе кажам: да се игра со Лео е најдобро нешто што ми се случило во кариерата.

Поминавме толку многу години заедно во репрезентација, и ми се погоди да играме дури и во ист клуб. Да се гледа Лео секој ден е прекрасно нешто. Да се дели терен со Лео е неверојатен сон. Тој е многу зрел, многу посветен“, рекол во една прилика Ди Марија.

Финалето на Светско првенство 2022 стана последен меч во неговата репрезентативна кариера. Тој уште пред неколку месеци, после Финалисима изјави дека по Мундијалот во Катар ќе заврши со репрезентацијата, зошто е време за помладите.

И каков крај доживеа... Пенал направен над него, прекрасен гол и на крајот златен пехар за титула светски шампион!

19 декември 2022 - 10:53