Надежите на Специјалниот Мурињо дека може да победи 16 средби по ред со „кралевите“ ги сруши Барселона во декември 2011. година. Каталонците на Сантијаго Бернабеу тогаш триумфираа со 3:1. Карло Анчелоти (55) во моментов има 14 победи по ред, од последниот пораз со Атлетико Мадрид на Бернабеу во септември. Под водство на Италијанецот, Реал победи 9 натпревари во Примера, 4 во ЛШ и 1 во Копа дел Реј.
Мурињо имаше 15 победи по ред во сезоната 2011/2012, а Мигел Муњоз ист таков учинок имал во 1960-та година. Откако ја донесе историската 10-та титула од ЛШ во Мадрид, сега на патот до рекордот на Анчелоти стојат Базел во ЛШ и Малага во Ла Лига. Изминатиов викенд, поранешниот тренер на ПСЖ, Челси и Милан постави личен рекорд со 37 победи, 6 нерешени и 7 порази на 50 натпревари како тренер на Реал Мадрид.
„Дон Карло“ стана и прв тренер со кој еден шпански прволигаш дал најмногу голови на гости. Со 62 гола на 24 натпревари, мадридскиот клуб има просек од 2,58 гола по натпревар. Претходните рекорди ги држеа Радомир Антиќ со по 2,28 голови со Атлетико Мадрид и Жозе Мурињо со 2,24 со Реал Мадрид.
Во меѓувреме, претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез изјави дека дека ќе му понудат нов договор на Анчелоти. Актуелниот му истекува во 2016. година, а се очекува да му го продолжат за уште една година повеќе.