Албанија игра фудбал растура, со една нога се веќе на Европско

Фудбалската репрезентација на Албанија запиша нов голем триумф во квалификациите за Европско првенство 2024 откако синоќа со 3:0 ја згроми Чешка и после Полска скроти уште еден фаворит. Албанците веќе се скоро на Евро 2024. Интересно име им е селектор.

Под водство на Бразилецот Силвињо, некогашниот класичен лев бек на Коринтијанс, славната Барселона, Арсенал, Манчестер Сити и Селта, Албанците играат одличен фудбал и бележат сјајни резултати.

Ако некој сметаше дека победата против Полска на Левандовски во Тирана беше само случајност, Албанија синоќа против Чешка покажа дека заслужено е прва во групата Е со 13 бода од 6 меча.

А главни јунаци им се Скопјанецот Јасир Асани и Кумановецот Таулант Сефери Сулејманов.

Албанците се први во групата пред Полска која има 9 бода и пред Чешка која има 8 бода. До крајот на квалификациите селекцијата за која блеска некогашното вардарово дете Скопјанецот Јасир Асани ќе треба рутински да ја одработи работата против Молдавија на гости на 17. ноември и против слабите Фарски Острови на 20-ти ноември.

Против Чешка синоќа Албанците поведоа со 1:0 во 9’ минута со нов прекрасен гол на Јасир Асани од далечина.

Тој и во претходната рунда од квалификациите постигна убав погодок против Полска а тој гол беше избран за најубав во целото коло евро квалификации.

Некогашниот фудбалер на Вардар е роден 1995-та година во Скопје. Почнал во младинците на најтрофејниот македонски клуб и стигна до првиот тим каде се виде дека е врвен талент.

Поради финансиски тешкотии Вардар не можеше да го задржи Асани кој продолжи прво во Шкупи па потоа изненадно и во Победа Прилеп. Од таму кариерата го однесе во ФК Партизани од Тирана, па во шведски АИК, унгарска Кишварда за да од 1-ви јануари е во Гвангжу во Јужна Кореја каде на 30 меча сезонава има 7 гола и 3 асистенции.

Јасир играше за Македонија У-19, Македонија У-20, Македонија У-21. Во 2016-та реши да заигра за Албанија која му даде пасош и државјанство.

Асани дебитираше за сениорскиот состав дури годинава што е помалку чудно. Селекторот Силвињо го повикал и Скопјанецот дебитирал за Албанија на 27-ми март годинава а веќе има 3 гола и 3 асистенции на 6 меча со што е лидер на селекцијата која наскоро треба да чекира карта за ново учество на Европско првенство после она од 2016-та во Франција.

ДВА ГОЛА НА КУМАНОВЕЦОТ КОЈ БЕШЕ ИГРАЧ НА МЕЧОТ

Покрај Јасир Асани за Албанија игра уште еден фудбалер роден во Македонија. Таулант Сефери синоќа со два гола после погодокот на Асани удри печат на големиот и убедлив триумф на Албанија од 3-0 против Чешка.

Таулант Сефери е роден во 1996-та година во Куманово. Со фудбал почнал во локалниот тим Милано Куманово кој играше дури и во првата лига. Потоа Таулант фудбалски се школуваше во Работнички кој на него заработи 250.000 евра со трансфер во швајцарски Јанг Бојс.

Таулант неколку години се задржал во Швајцарија каде ги носел и дресовите на Волен, Винтертур и Ксмакс.

На почеток на 2021-ва доаѓа во ФК Тирана, па потоа игра и за Теута и украинска Ворксла Полтава а од јули годинава е во клубот Банијас во Обединети Арапски Емирати. Страницата специјализирана за прецизни статистички податоци го проценува на 2,5 милиони евра.

13 октомври 2023 - 10:03