Мобилизацијата на Комити продолжува со силно темпо, а во иницијативата „Купи билет за спас на Вардар“, се вклучија фудбалери, тренери, ракометари и ред други јавни личности, претежно од спортска фела.
Целата акција спроведена за сега вродува со плод. Продадени се јужна и западна или во превод околу 15.000 билети по цена од 100 денари, што не се сеќаваме кога последен пат се има случено за прволигашки натпревар на кој патем нема да може да се оди поради Ковид мерките. Во пари тоа значи дека се собрани околу 1,5 милиони денари или 25.000 евра.
Инаку во спасот за Вардар се вклучи Никола Илиевски Џиџи кој почна да го води клубот како тренер со помош на поранешните вардарови капитени Бобан Грнчаров, Златко Таневски, Никола Глигоров и Филип Ивановски.
Со оглед на тешката ситуација во која се наоѓаат и играчка и финансиска, императивот ќе биде опстанок во првата лига. Вардар го продолжува пролетниот дел без подготовки и со 29 играчи од кои 21 се родени под 2000-та година.
Тренинзите ги почнаа пред два дена, а од поискусните играчи во тимот останаа Дејан Блажевски, Филип Петковски, Бојан Најденов, Виктор Велкоски, Филип Илиќ.
Милорад Миленковски од навивачката група Комити објаснува како е организирана акцијата од која планот е собраните пари да бидат наменети за плати на фудбалерите.
Дербито се игра в недела од 14:00 часот. Вардар е на петта позиција, а Пелистер десетти.