На крајот на октомври минатата година Александар Васоски како тогаш тренер апелираше дека доколку во клубот не се среди ситуација, после нова година Вардар ќе го доживее најцрното сценарио од неговото постоење.
Еве го февруари дојде, а клубот кој пред само три и пол години го урна турскиот гигант Фенербахче за историски пласман во Лига Европа како да е ставен на игнор од сите засегнати страни.
Сергеј Самсоненко не го исполни ветувањето дека ќе ги покрие долговите од околу 2,5 милиони евра, нешто кое го очекува Град Скопје за да го преземе, па навивачите кои живеат во предолга неизвесност сами се впуштија во акција.
На 14 февруари Вардарци на стартот од пролетниот дел од сезоната го пречекуваат Пелистер и по тој повод пред неколку дена стартуваа со агресивна донаторска кампања под името „Купи билет за спас на Вардар“.
Комити за таа цел пуштија соопштение:
Еден Билет чини 100 денари.
Секој билет значи, секој билет е еден чекор поблиску до целта, за секој билет Вардар ќе ви биде благодарен, но сакајќи да дадеме на значење на историските години за ФК ВАРДАР:
– 47 билети за СПАС негов ќе значат пред се признание за вашето лично учество, но и вашето име ќе биде запишано на клубските ѕидини покрај забележителните моменти од богатата клубска историја.
– 87 или повеќе билети за СПАС НА ВАРДАР ќе ви доделат Сертификат заверен од ФК Вардар, како признание за вашето лично или учеството на вашето Здружение, Организација, Компанија во борбата за спас на Вардар.
Целта е со масовно активно учество, да се соберат доволно средства за продолжување на животот и надежта за Вардар. Целта е распродаден Градски стадион, и веруваме дека заедно можеме да ја оствариме.
Во соработка со МК Тикетс, ФК Вардар и под надзор на надлежни државни институции, овој процес ќе биде максимално транспарентен и јавен. Средствата собрани од оваа акција ќе завршат кај оние кои го бранат нашето име на теренот, и од кои очекуваме бескомпромисна борба на секој натпревар до крајот на сезоната.
Да се сплотиме и сите заедно да бидеме Вардар !
Во иницијативата се вклучија поранешни фудбалери на Вардар, луѓе од ракометот, навивачи на МЗТ и сл, а излезе информација дека првиот човек на РК Вардар, Михајло Михајловски купил 1.000 билети со што донирал 100.000 денари.
Инаку билетите се виртуелни, бидејќи фудбалот кај нас сè уште се игра пред празни трибини поради пандемијата. Доколку се продадат 30.000 колку што собира градски од прилика, ќе се соберат 3 милиони денари или 50.000 евра, што значи ова е само мала привремена помош колку да се стартува со вториот дел од сезоната.