Африканецот кој ја измами ФИФА

И покрај тоа што Светската куќа на фудбалот има систем за заштита кој ги мониторира податоците на играчите кои прават трансфер, Мбенба Мангулу од Конго на фудбалската мапа фигурира со три датуми на раѓање. Тој истовреме "има" 19, 22 и 25 години.

По измамата на 17 годишниот Перуанец Макс Бариос, кој всушност има 25 години и потекнува од Еквадор, уште еден сличен скандал го потресе фудбалскиот свет. ФИФА го истражува случајот за Мбемба Мангулу, репрезентативец на Конго кој учествуваше на годинашното издание на Афричкиот Куп на нации.

Мангулу кој досега има настапувано за три фудбалски екипи од Конго, неговото име во домашното првенство било регистирано со датумот на раѓање 8 август 1988 година. Кога во 2011 година Фудбалската Федерација на Конго го внесе во листата на играчи кои беа повикани за квалификациите на Олимписките игри, како ден на неговото раѓање стоело 30 ноември 1991 година. Во спротивно Мбемба немал да може да настапува за репрезентацијата до 23 години.

Ситуацијата станала уште покомплицирана кога потпишал за белгискиот прволигаш Андерлехт во 2011 година. Токму во периодот кога во својата земја бил регистиран со два датуми на раѓање, фудбалерот успеал да се "подмлади" во Белгија за 6 години. Пасошот кој го извадил во оваа земја го добил со датум на раѓање 8 ноември 1994 година.

Во овој случај зачудува и превидот на Андерлехт, затоа што доколку Мангулу станал член на клубот со белгискиот пасош, со тоа бил прекршен и членот 19 од правилникот на ФИФА, според кој не е дозволено трансфери на малолетни играчи од странство.

Клопчето за фудбалерот со "три родендени" го одмотал бразилскиот спортски адвокат Паоло Техеира кој го работел случајот, а трошоците ги подмирил Ла Грасе, првиот клуб каде што настапувал Мангулу.

„Во поголемиот дел од случаите, ваквиот вид на фалсификување документи е со намера. Понекогаш тоа го прават федерациите во корист на младинските репрезентации кои со "повозрасни" и "поискусни" фудбалери можат да освојат некој турнир, но мамат и самите фудбалери кои лажат дека се помлади за да зграпчат некој поповолен договор со некој силен европски клуб. Тоа најчесто се случува со европските клубови каде настапуваат околу половина од 368те играчи од Афричкиот Куп на нации", вели Техеира.

Во истиот контекст Техеира го споменува и скандалот со бразилецот Ериберто од екипата на Киево, кој потоа призна дека неговото име е всушнот Лусијано и дека е четири години постар. Откако италијанските медиуми ја обелоденија вистината за фудбалерот од Серија А, неговата цена на пазарот драстично падна.

Во случајот со Мбенба Мангулу најмногу зачудува фактот, како е можно фудбалер кој настапува во белгиското првенство со година на раѓање 1994, регуларно да настапува помлад во едно од поголемите натпреварувања кое е по капата на ФИФА, а тоа е Афричкиот Куп на нации.

Момчето од Конго кое само тоа знае на кој ден треба да ги викне другарите на роденден, ја збуни и најраспространетата енциклопедиска мрежа со податоци, Википедија која не знае кој ден да му го води како прво појавување на овој свет.

 

6 февруари 2013 - 16:03