Аѕурите блескаво во полуфинале, Белгија на колена

Откако доминантно дојде до осминафинале, со три триумфи без примен гол Италија сјаеше и во четвртфиналето каде ја скроти Белгија со 2-1 и оди во големото полуфинале.

БЕЛГИЈА - ИТАЛИЈА 1:2
/Лукаку 45+2' пен. - Барела 31', Инсиње 44'/

Гледавме атомски фудбал на „Алијанц Арена“ во Минхен во една од поинтересните средби на Евро 2020.

Италија и вечерва докажа зошто е фаворит број 1 да стигне до златото.

Необично, аѕурите стартуваа отворено, без многу компликации, со многу додавања и уште повеќе трчање и жестоки дуели.

Под водство на Манчини Италија игра допадлив фудбал и нема пораз на повеќе од 30 натпревари по ред. Првиот гол падна во 13' минута но судиите му го поништија погодокот на Бонучи поради офсајд а по асистенција од ВАР собата.

Напаѓаа Италијанците, бараа шанса и ја искористија во 31' минута кога Барела после два супер дриблинзи силно шутираше во долниот лев агол за 1:0.

Веќе во 44' минута Лоренцо Инсиње со својот најголем квалитет, шутот од далечина, покажа зошто е лидер на оваа Италија. Распали и постигна преубав гол.

Белгијанците успеаа да намалат до крајот на првиот дел од пенал преку Лукаку.

Во вторите 45 минути вообичаено Италија реши да се затвори и стабилно да го чува водството.

Белгија немаше шанси за израмнување па некогашниот светски првак заслужено оди во големото полуфинале каде ќе ги чека опасната Шпанија, на „Вембли“ во вторник.

2 јули 2021 - 23:01