50 дена после откриен рак, заигра во финале и го крена пехарот во ЛШ

Откако гледаме фудбал, не се сеќаваме друг играч да се појавил на терен толку брзо после таква операција, да освои Лига на шампиони и да ја добие капитенската лента за да го подигне прв пехарот.

Сонуваш да станеш фудбалер и стануваш голем фудбалер. Сонуваш да играш за својата земја и заигруваш и тоа како протагонист на Светско првенство. И како тоа да не е доволно, успеваш да заиграш и за еден од најсилните тимови во историјата на фудбалот, па уште и освојуваш тројна круна.

Но наеднаш додека го вкусуваш успехот, животот те изненадува непријатно. Тоа му се случи на Ерик Абидал. По успесите со Барселона, на 15 март 2011 му беше дијагностициран рак на црниот дроб и по само два дена мораше да оди на итна операција.

Некои се посомневаа во неговото враќање на терен. Други дури и му ги закачија копачките на клинец, но соиграчите беа секогаш покрај него.

„Тиери Анри дојде да ме посети во Њујорк кога бев во болница. Кога го видов низ ходникот, почнав да плачам. Не сакав да ме гледа таков, но навистина ми беше многу мило што дојде“.

Благодарение на силниот карактер и поддршката што ја доби, се избори и за нецели два месеци од отстранувањето на туморот, влезе во последните минути од реванш полуфиналето во ЛШ. Истото издание кое потоа го освои на 28 мај 2011-та против Манчестер Јунајтед. И тоа замислете, го одигра цел меч.

Потоа за време на церемонијата, Карлес Пујол, му ја даде капитенската лента за да му овозможи да го подигне трофејот пред 85.000 гледачи на Вембли. Моментот во кој урлаше до небо за да му покаже на светот дека победи. И на терен и надвор од него.

Среќен 41 роденден Ерик

11 септември 2020 - 14:25