40 милиони Кинези седнале пред телевизор да го гледаат своето дете во Еспањол

Сите галамеа, се тркаа и нудеа големи пари за трансфери во зимскиот преоден рок, само Еспањол на 28 јануари за мала сума го потпиша „Марадона од Истокот“ и направи неверојатен маркетиншки потег.

Се вика Ву Леи и има 27 години. Потпиша со Еспањол и стана само вториот Кинез во историјата кој заиграл во најдобрата шпанска Ла Лига.

Ву Леи е најдобриот стрелец во историјата на кинеската Супер Лига со 102 гола и рекордер по бројот на голови за Шангај СИПГ со 169 погодоци.

****

Ву Леи, како што обично бива со многу успешни играчи, роден е во скромно семејство. Фудбалот му бил најголема страст уште од детството. Во ’90-те години во Кина го пренесувале само италијанското фудбалско првенство и малиот Ву Леи обожавал да гледа Серија А. На 5 години татко му му ја купил првата топка.

„Кога бев помлад, памтам, Леи во тоа време дома шутираше топка. По 50 пати шутираше и се случуваше да се испогребе по нозете. Но не престана да жонглира додека не стигна до сто“, раскажал еднаш татко му.

Кога малиот Ву Леи стасал до школска возраст, татко му го запишал на фудбал. Првиот ден тој само ги гледал тренинзите, а потоа и тренирал.

Многу шанси му се појавиле благодарение на татко му. Домот им бил прилично далеку од терените каде малиот тренирал, па татко му морал да излегува од работа за да го носи и зема (работел како геометар). Кога навечер го враќал дома, продолжувал со ноќна смена во полициска станица. И така 8 години.

Сè се сменило кога еден од највлијателните луѓе во кинескиот фудбал, Жу Генбао во тоа време основал нова фудбалска академија.

Генбао е поранешен фудбалер кој видел потенцијал во малиот Ву Леи: „Оваа тренинг база ме чинеше мене 30 милиони јен, а Леи може да ми помогне да ги повратам. Тој е новиот Марадона“, рекол Генбао кој тврдел дека Леи добил голем подарок од Бога.

Малиот Леи се покажал како необичен фудбалер. За разлика од другите деца бил одличен ученик и добивал награди за есеи на разни училишни конкурси. Набрзо, со 14 години и 287 дена станал најмладиот дебитант во професионалниот фудбал во Кина. Играл за тогашниот третолигаш Шангај кој во меѓувреме стана гигант на тамошниот фудбал.

ГЛАВНА ЅВЕЗДА НА КИНА

Ву Леи брзо се развил во одличен фудбалер и во текот на целата кариера во Кина бил многу голем аѕвезда. Му се восхитувале уште во младинската академија.

Тој се мерел со многу познати ѕвезди кои растураа и во Европа: на пример Бразилците Халк и Оскар.

Ву Леи важел за најголем талент во земјата. Станал најмладиот стрелец на хет-трик во кинеската Супер лига. Во 2013-та станал првиот играч во историјата на кинеското првенство кој постигнал три хет-трика во една сезона.

После 5 години станал и најдобар стрелец во историјата на лигата - го надминал рекордерот Хан Пенг кој имал 88 гола во Кина. После мечот на кој го дал рекордниот 89. гол, облекол маица со број 89 и отишол да слави со навивачите.

Тој многу се дружел со соиграчите Оскар и Халк. Не само на теренот, туку и надвор од него биле блиски. Еднаш Оскар добил суспензија од 8 меча поради тепачка на мечот со Гвангжу, а на следниот меч Ву Леи и Халк излегле до маичка за поддршка на Оскар.

Фактички од самиот почеток со фудбалот тој бил во еден клуб - Шангај. За 14 години постигнал 151 гол! Дури во 2018 ја остварил својата желба и станал шампион на Кина, а во 2010 година со репрезентацијата го покорил Азискиот Куп на Нации. Во 2015-та изгубил во финалето.

Ву Леи е избран за најдобар азиски фудбалер во 2018 година и бил најдобар стрелец во Супер лигата 2018. Дошло време да се проба во Европа

****

ЕСПАЊОЛ КАКО ИДЕАЛНА ВАРИЈАНТА

На 28 јануари Еспањол објави дека потпишал договор со најдобриот стрелец во кинеското првенство Ву Леи. Деталите околу трансферот уште не биле објавени, а тој веќе заиграл за Еспањол и тоа против Виљареал кога влезе од клупата во последните 13 минути.

Трансферот на Ву Леи привлекло многу нови навивачи за клубот од Барселона. Тоа го соопштил и потпретседателот на клубот Карлос Понт:

„Овој трансфер е уште еден чекор во нашиот развој. Ние потпишавме играч кој помага и на теренот но и надвор од него.“

Дебито на Ву Леи за Еспањол го гледале околу 40 милиони Кинези преку разни платформи иако временската разлика во однос на Европа е 7 часа. На социјалните мрежи им се зголемиле следбениците за 20.000 нови луѓе, а клубот продал преку 2.000 дресови со името Ву Леи.

Неговата промоција во клубот преку разни стриминг програми ја следеле преку 350 милиони Кинези. Еспањол има сериозна намера да расте на кинескиот пазар.

Што е уште поважно, овој фудбалер добро се вклопил како крилен напаѓач. Тимот на тренерот Руби претпочита да игра на контри и да создава шанси за шут од далечина.

Ву Леи вели дека сака да и покаже на Европа дека и во Кина се игра добар фудбал и дека го разбира сомневањето во неговиот трансфер затоа што не многу Кинези ги покажале своите квалитети во европскиот фудбал.