4 гола за 39 минути - бисерот на Виљареал за кого зборува фудбалска Европа

Виљареал го згроми Еспањол со 5:1 и тоа благодарение на младиот 19-годишен Јереми Пино. За таков подвиг му требаа само 39 минути и четири удари во противнички гол. Влезе во историјата и постави неколку рекорди.

ПОКЕР ГОЛОВИ НА ТАА ВОЗРАСТ Е УНИКАТНО ДОСТИГНУВАЊЕ

На возраст од 19 години и 130 дена Пино стана четврти на списокот најмлади стрелци на четири гола во историјата на шпанската лига.

Пред него се Хозе Ирарагори (17 години и 344 дена, во 1930-та), Хаиме Ласкано (19 години и 42 дена, 1929 година) и Санти Мина (на 19 години и 125 дена, во 2015 година).

Јереми е најмладиот играч од 1948 година кој успеал да даде три гола во прво полувреме од првенството на Шпанија. Пред него тоа му пошло од „нога“ само на Пабло Олмедо во ноември 1948-ма.

Во топ 5 лигите три гола во прв дел постигнаа Осман Дембеле уште додека играше за Рен. Францускиот репрезентативец тоа го направи на возраст од 18 години и 269 дена. Пино е втор ако се смета од сезоната 2006/2007.

Младиот бисер на Виљареаел стана и прв во клупската историја кој постигнал 4 гола на еден ист меч во Ла Лига.

КОЈ Е ЈЕРЕМИ ПИНО?

Интересниот офанзивен играч е роден во Лас Палмас, на Канарски острови. Во 2014 година почнал да тренира во локалниот истоимен клуб. Во јуни 2017-та Јереми добил понуда да премине во академијата на Барселона но тој го одбрал Виљареал. Се поради полесниот пат да се стигне до прв тим и помалата конкуренција.

Виљареал му понудил на Пино 4-годишен договор и убава плата.

Во прв тим го приклучиле во летото 2020-та а тој дебитирал во сениорски фудбал на октомврискиот меч од Лига Европа против турски Сиваспор. После тоа Јереми редовно добиваше шанса од клупата или во прв тим а понекогаш и даваше голови (на 71 натпревар веќе има 17 гола и 5 асистенции).

Со освојувањето на трофејот во Лига Европа кога Виљареал на пенали го урна Манчестер Јунајтед, Јереми Пино стана најмлад победник во историјата на овој турнир. На меѓународен план Јереми исто така е на одлично ниво: капитен е на младинската репрезентација на Шпанија а неколку пати го викаа во сениорска - има два настапи кај селекторот Луис Енрике.

КАКВА Е НЕГОВАТА ИГРА, НА КОЈА ПОЗИЦИЈА НАЈДОБРО СЕ СНАОЃА?

Јереми Пино имал среќа да се најде во клуб кој е ориентиран на сопствената кантера (младинска школа). Негови главни квалитети се: дриблингот, способноста да менува ритам, може да игра како крилен напаѓач и како класичен шпиц, има голем арсенал на дриблинзи и мошне брз спринт.

28 февруари 2022 - 08:12