2023-та однесе во пензија 10 врвни фудбалски имиња

Азар заминa на само 32 години, Бејл на 33, Ибра и Жоакин тераа до 41, Џиџи до 45. Фудбалот дефинитивно ќе биде посиромашен без овие легенди.

ЕДЕН АЗАР

Белгиецот го напушти фудбалот како што најмалку посакуваше, тивко, незабележливо и со тотатлно загубен компас после трансферот од Челси во Реал Мадрид во 2019-та. Го сметаа за еден од најјаките играчи во светот, благодарение на страшните партии во Лил и Челси кои му донесоа 6 номинации за Златна топка и 8 клупски трофеи.

Но во Мадрид мина четири години како дух, со серија од 11 повреди кои го спречија да се наметне. Во Шпанија освои две титули, два Супер Купови, Копа дел Реј, Лига на шампиони, Супер Куп на Европа и Светско клупско, но во споредна улога со само 76 настапи, 7 гола и 12 асистенции. Се пензионира прерано на само 32 години.

ГЕРЕТ БЕЈЛ

Неговиот пропаст не беше како на Азар, но имаше подеднакво тажен крај во Мадрид поради сите перипетии кои почнаа со страста за голф.

Господинот 100 милиони како што беше именуван со неговото доаѓање во Шпанија во 2013-та, заминува на 33 години после осум сезони во Реал украсени со многу трофеи меѓу кои 4 во ЛШ.

Ќе останат запаметени неговиот гол на Ел Класико, како и во финалето во ЛШ против Атлетико Мадрид 2014-та. Последните три години, пред да замине во САД му помина со дури 12 повреди и многу пропуштени натпревари. Крајот во Лос Анџелес му помина тивко.

СЕСК ФАБРЕГАС

Префинет играч за врска со асистенции кои му се во крвта порасна во академијата на Барселона, а потоа експлодираше во Арсенал каде замина на само 16 години.

Во Лондон освои две титули пред да се врати дома каде подигна уште шест, како и трите со Шпанија, две Европски и едно Светско.

Потоа повторно Лондон, овој пат во Челси од каде заврши во Монако и Комо, на кој му стана привремен тренер. Се повлекува на 36 години за да започне ново поглавје на клупата.

ДАВИД СИЛВА

Уште еден фудбалски поет кој уживаше благодарение на техниката и талентот. Шпанецот му рече збогум на фудбалот на 37 години после повредата на коленото во претсезоната со Реал Сосиедад, каде замина во 2020-та по триумфалната деценија во Манчестер Сити.

Со репрезентација стигна до 125 настапи и 35 гола, како и до истите трофеи на Фагребас, а во Англија освои сè. Бројките за Манчестер Сити говорат се: 436 меча, 77 гола и 140 асистенции.

МЕСУТ ОЗИЛ

Од Шпанија до Германија, но со речиси идентична техничка фигура, Озил се повлече на 34 години во дресот на Башакшехир. Критикуван во Мадрид, Германецот со турско потекло остави белег во Вердер, Арсенал и Реал, освои 12 клупски трофеи, како и две репрезентативци, Европско со У-21 и Светско со сениорите.

Неговата брилијантна левица, способноста да навлезе во простор, како и неговата одлична визија за игра го направија еден од најценетите играчи од среден ред во последниве 20 години.

ЗЛАТАН ИБРАХИМОВИЌ

Како ретко кој напаѓач, легендарниот Швеѓанец се откажа дури на 41 години и тоа поради повреди меѓу март и април месец.

Неговата кариера течеше импресивно во Малме, Ајакс, Јувентус, Интер, Милан, Барселона, Манчестер Јунајтед и Лос Анџелес.

Бројките му се вонсериски: 32 трофеи, 580 гола, 998 натпревари за клуб и репрезентација.

МАРЕК ХАМШИК

Кариерата му ја одбележаа настапите во Наполи каде од 12 години, 6 беше капитен. Заврши летото пред да наполни 36 години како игра на Трабзоспор.

520 меча за Наполи и 121 гол, како трет стрелец во историјата зад Инсиње и Мертенс. Заминува со два Купа на Италија и Супер Куп, како и титула и Супер Куп во Турција.

ЏОРЏО КЈЕЛИНИ

Уште еден славен лик кој остави голем белег во Италија. Тоа е Џорџо Кјелини, наречен „Крал Џорџо“ од страна на навивачите на Јувентус. Се повлекува на 39 години после кратниот период во Лос Анџелес.

Влезе во историјата на Јуве и италијанскиот фудбал како еден од најсилните дефанзивци во последниве 30 години, како и еден од најтрофејните со 20 трофеи од кои 9 Скудета по ред.

ЏИЏИ БУФОН

Најјакиот голман во историјата на италијанскиот фудбал истера до 45 години, а се повлече онаму каде што почна, во Парма. Заигра и за ПСЖ, но блескавите успеси ги направи со Јувентус.

Кариера за почит со 30 трофеи меѓу кои му недостасува ЛШ, но затоа успеа да се искачи на светскиот врв со Италија после она незаборавно финале во Берлин 2006.

ЖОАКИН

Топ 10 листата ја заокружува крилниот напаѓач на Бетис, Жоакин. Се повлече на 41 години откако го постави рекордот во Ла Лига од 622 настапи.

Освои два купа, а потоа уште еден со Валенсија. Играше две години и во Фиорентина и тој е еден од ретките кои беше почитуван и од ривалските навивачи.

Листата не завршува тука. Годинава со играње фудбал раскрстија и Блез Матуиди, Фернандо Љоренте, Џузепе Роси, Диего Годин, Шиме Врсаљко, Емануел Адебајор, Филипе Луис, Кевин Принс Боатенг, Жоао Миранда, Лукас Леива, Бојан Кркиќ и Доменико Кришито.

26 декември 2023 - 13:36