Јувентус предводен од Карло Анчелоти и Лацио од Свен Горан Ериксон ја одиграа историската сезона 1999/2000 во италијанското фудбалско првенство. Последните 60 минути беа најстресни за Римјаните кои беа во исчекување дали по пауза од 26 години ќе слават титула.
Изгледот на табелата не делуваше дека Лацио има шанси за славје со оглед на тоа што на неколку кола до крај требаше да анулира негатива од 9 бода. Но Јуве загуби од Милан, а Лацио со пресврт го доби римското дерби.
Следуваше меѓусебниот дуел кој на Деле Алпи со глава го реши Диего Симеоне. Потоа на три кола до крајот додека Лацио славеше на гостувањето во Венеција, Јувентус киксираше во Верона предводена од Прандели.
Предноста на Старата дама се намали и Лацијалите веруваа во чудо, но не очекуваа толку скандалозно судење во претпоследното коло кога познатиот судија Де Сантис му поништи чист гол на Креспо на дуелот Парма – Јуве кој заврши 0:1.
Во пресрет на завршницата во Рим имаше протести и ковчег во кој навивачите на Лацио симулираа погреб за подоцна суспендираниот Де Сантис. Во последното коло Лацио со 69 бодови ја пречека Реџина, а Јувентус со 71 и гостуваше на Перуџа.
Неизвесност во Рим немаше бидејќи Верон, Инѕаги и Симеоне со 3:0 лесно го збришаа противникот. Но со паметот беа во Перуџа каде поради силен дожд второто полувреме Колина го означи по пауза од еден час или поточно во 17:11 кога заврши средбата Лацио – Реџина.
Фудбалерите на Лацио вторите 45 минути во Перуџа ги следеа на тв во потрибинскиот простор, додека навивачите слушаа директен пренос на радио, грицкаа нокти и кинеа нерви. Молкот на Олимпико го прекина Калори кој постигна гол вреден Скудето број 2 за Лацио.
Во 18:04 Колина свирна крај во Перуџа, по што следуваше лудило меѓу навивачите на Лацио кои не можеа да поверуваат во таквото сценарио.