9 ноември 1996 година е рекордната победа која Македонија успеа да ја оствари на едни квалификации за Светско првенство. Тој триумф од 11:0 тогаш важеше за највисока победа на гостински терен. Рекордот пред своја публика го држат Германците кој на домашен терен во 1969-та го совладаа Кипар со 12:0.
Во историскиот ден за македонскиот фудбал со голови учествуваа Дејви Главевски кој дебитираше со хет-трик за репрезентацијата, по два гола постигнаа Саша Ќириќ, Митко Стојковски и Тони Мицевски, а по еден Ванчо Мицевски и Гоце Христов.
Овој рекорд на нашиот национален тим останува само во Европа, бидејќи на следниот квалификациски циклус за СП 2002, го сруши селекцијата на Австралија која ја совлада Тонга со 22:0.
11 гола, сега нашите репрезентативци не можат да ги постигнат ниту на 10 меча во еден цел квалификациски циклус. На последните квалификации за СП 2014 дадоа 7 гола, а на претходните за СП 2010 на 8 средби постигнаа 5 гола. Ист број на голови колку против Лихтенштајн дадоа на квалификациите за СП 2002 и 2006.
Во досегашните шест квалификациски циклуси за Европските првенства, Македонија била само два пати поефикасна отколку на средбата против ова мала земја со 37.000 жители. На квалификациите за ЕП 2000 постигна 13 гола, а за ЕП 2008 12 погодоци.
Видео од рекордот на овие момци за жал нема на јутјуб, а добро ќе беше да го погледнат сегашните репрезентативци кои мака мачат да дадат еден гол.