За еден месец, македонската фудбалска репрезентација одбележува 25 години од највисоката победа во историјата. Се случи на 9 ноември, 1996-та: Лихтенштајн – Македонија 1:11. Порази за среќа немаме толкави. Највисоки ни се 5:0 од Белгија, Словачка и Унгарија и 6:1 од Чешка.
Автори на историската голеада се избраниците на Ѓоко Хаџиевски во првиот мундијалски циклус на Македонија, кој го играше за Франција 1998. Завршивме четврти, а тогаш силната Романија која глатко ја мина групата, на двата меча против Лихтенштајн даде по 8 гола и прими еден.
За Македонија настапија: Данчо Целевски, Гоце Седлоски, Митко Стојковски, Љупчо Марковски, Игор Саша Николовски, Срѓан Захариевски, Влатко Гошев, Тони Мицевски, Ѓорги Христов, Саша Ќириќ и Дејви Главевски. Од клупа влегоа Сашо Милошевски, Ванчо Мицевски и Тони Наумовски, а на тоа гостување беа уште и Антонио Филевски, Ристо Милосавов, Артим Шаќири и Хусеин Бегановиќ. Убава, силна и славна генерација.
Овој рекорд на нашиот национален тим за брзо време остана само во Европа, бидејќи веќе на следните мундијалски квалификации, Австралија начека „село без кучиња“ во група и ги понижи Тонга со 0:22 и Американска Самоа со 31:0, што е апсолутен рекорд.
Инаку 11 гола е бројка на голови која Македонија успеа да ја надмине на едни квалификации за Светско, дури на изминатите за СП 2018, кога заврши со скор од 15 дадени и 15 примени гола, а на првите има 22 благодарение на тој незаборавен меч против Лихтенштајн.
Ист број на голови колку против Лихтенштајн имаме на квалификациите за СП 2002 и 2006, а на овие по 6 кола скорот ни е 11:6.
Списокот на стрелците и минутите на постигнување голови изгледаат вака:
Головите се со снимка од МТВ на која ќе гледате репетиција на секој гол и ќе слушате музика како за документарец за риболов, која инаку оди испрекинато.
Фотографија од култниот битолски напаѓач Дејви Главески, роден 1967-ма. Трите гола против Лихтенштајн му се единствени за репрезентација за која има 4 настапи. Кариерата ја почна во Пелистер 85-та, а ја заврши во Победа 2003-та.