10 дијаманти скриени на пазарот во Премиер лигата

Во англиската Премиер лига летово најмногу се зборуваше за скапите Диего Коста, Фабрегас, Мангала и Алексис Санчез, а постојат играчи кои од сенка може да бидат добитна комбинација за клубовите кои ги ангажираа, а малку се фалеа со нив.

Мухамед Бешиќ (Евертон)

„Карамелите“ платија 4 милиони фунти за 21 – годишниот Германец со босанско потекло. Бешиќ е играч за врска, а во Англија доаѓа од унгарскиот Ференцварош. Препознатлив е по одличната дуел игра и лизгачките стартови.

Веќе на пријателските средби за Евертон, со прецизните и навремени пасови, Бешиќ покажа дека Герет Бери и Џејмс Мекарти ќе мора добро да се испотат за место во тимот. Тренерот Роберто Мартинез истакна дека Бешиќ и Џек Родвел се најблизу до стартниот состав на клубот од Ливерпул.

Бојан Кркиќ (Стоук)

Кога на 17 години влезе во првиот тим на Барселона, со која на два пати ја освојуваше Примера и Лигата на шампионите, се очекуваше дека тој ќе биде новиот Меси.

Сепак Кркиќ како да се загуби покрај ѕвездите од Блауграна па за да не седи на клупата, мораше да оди на позајмици. Најчесто против негова волја, тимот од Камп Ноу го праќаше во Рома, Милан и Ајакс, средини каде Бојан не успеа да остави длабок печат.

На инсистирање на Марк Хјуз, Бојан летово потпиша со Стоук, екипа која за 23 – годишниот Шпанец со српски корени плати 4,4 милиони фунти. Во тандем со Крауч, Бојан конечно би можел да докаже што знае и умее.

Реми Кабеља (Њукасл)

Сумата која „гавраните“ ја одвоија за францускиот фудбалер не е воопшто мала. Често споредуван со легендарниот Давид Жинола, Реми Кабеља во Њукасл дојде од Монпеље за 12 милиони фунти.

Откако тренерот Пардју не успеа да најде прав голгетер кој ќе го замени Демба Ба, талентираниот 23 – годишен Французин сезонава треба да биде вистинско откровение во нападот на црно – белите. За маана му ја наведуваат честата потреба да го имитира Кристијано Роналдо па покрај фризурата како Португалецот, Кабеља понекогаш се заборава и во дриблинзите.

Али Сисоко (Астон Вила)

За да го избегне сценариото од последните две сезони кога Вила едвај се спасуваше од испаѓање, тренерот Пол Ламберт во летниот преоден рок инсистирал на играчи со поголемо искуство.

Иако има 26 години, Али Сисоко веќе спаѓа во категоријата зрели играчи, затоа што играше големи натпревари во дресот на Порто, Валенсија и Ливерпул.

Голем број екипи од Европа беа заинтересирани за неговите услуги, но тој сепакт се реши за помирна средина каде првотимскиот статус ќе му биде осигуран.

Црномурестиот лев бек летово на „Аптон Парк“ дојде од Валенсија за 2 милиони фунти.

Бафетимби Гомис (Свонси) 

Од сезона во сезона медиумите го селеа 29 – годишниот Французин со сенегалско потекло, за во јули годинава тој да потпише со велшкиот тим.

Доминантен во скокот и физички надмоќен, Гомис во Лион играше 5 години во кои на 172 натпревари постигна 62 гола. Повремено игра за француската репрезентација, а во Свонси дојде како слободен играч, откако му заврши договорот на „Жерлан“.

Гомис е еден од ретките напаѓачи кои се снаоѓа во формација и со два и со три напаѓачи, а во Лион неретко играше и осамен во шпциот.

Познавачите на англискиот фудбал велат дека може да заработи паричка секој кој ќе се обложи дека Гомиз годинава ќе постигна повеќе од 10 гола за Свонси.

Чеику Кујате (Вест Хем)

Често ги слушаме поимите наследник на Меси, наследник на Роналдо и Златан, но ретко да се најде некој кој со својата појава и предиспозиции ќе наликува на Патрик Виера.

Новото засилување на Вест Хем, Чеику Кујате со своите долги нозе и крупна конституција ќе биде бетонски столб во одбраната на „чеканите“. Сенегалецот во 2006. година се пресели во Белгија а професионалната кариера ја почна во Брисел. Одличните настапи го препорачаа во белгискиот гигант Андерлехт кој летово за него заработи 7 милиони фунти.

Тимот предводен од Биг Сем Алајдарс минатата година имаше одбрана како швајцарско сирење, но со доаѓањето на Кујате се очекува навивачите да веруваат во последниот ред.

Браун Идеје (Вест Бром)

Фактот што тренерот на ВБА, Алан Ирвин изјави дека никогаш не го гледал Идеје не треба да ги загрижува навивачите на клубот, затоа што 25 – годишниот Нигериец долго време бил на радарот на скаутите.

Во дресот на киевски Динамо, Идеје постигна 33 гола на 74 натпревари, по што премиерлигашот не жалеше да одвои 10 милиони фунти.

Поради доцнење на работната виза за влез во Англија, Идеје не ги одржал главните кондициски тренинзи со екипата, но сигурно дека ќе биде подготвен за почетокот на сезоната, затоа што украинското првенство почна пред неколку викенди.

Маурицио Исла (КПР)

Чилеанецот во Лондон дојде како позајмен играч од Јувенутс. По одличните игри за неговата репрезентација на СП во Бразил, Хари Реднап го означил Исла како главно засилување на позицијата десен бек.

Во формацијата 3 – 5 – 2 која што ја преферира некогашниот тренер на Тотенхем, идеално решение ќе биде токму Исла.

КПР лани мака мачеше со позицијата десен бек, каде се менуваа неколку играчи, но веќе од сабота, „полицајците“ ќе бидат спокојни затоа што 26 – годишниот Чилеанец си го знае занаетот.

Душан Тадиќ (Саутемптон) 

Српскиот репрезентативец за две години во Холандија постигна 32 гола и тоа беше доволен сигнал за големите европски тимови да загризат за него.

Како левоног напаѓач и низок по раст, Тадиќ решеташе во холандското првенство по што Роналд Куман одлучи голем дел од парите заработени од продажбата на играчи да ги вложи во Тадиќ.

Некогашното дете на Војводина, во Саутемптон дојде од Твенте за 10, 9 милиони фунти и се очекува токму тој да биде адекватна замена за Ламберт и Лалана кои заминаа во Ливерпул.

Леонардо Улоа (Лестер)

 

Податокот дека Лестер за Аргентинецот потроши рекордни 7 милиони фунти наоѓа оправдание во тоа што Улоа едноставно е расен стрелец. За три години во Алмерија постигна 39 гола, потоа во Брајтон постигна дури 24 гола во една сезона.

Од тие 24 гола, некогашниот играч на Сан Лоренцо и Саранди му даде два и на Лестер. Аргентинецот никогаш не играл во Премиер лигата и тоа може да му биде слаба точка.

12 август 2014 - 12:53