Невронаучници со години бараат начин како да ја искористат функционалната магнетна резонанца (fMRI) за да реконструираат сигнали што мозокот ги добива од сетилата. Првите обиди дадоа заматени слики, тешки за толкување.
Новата алатка со вештачка интелигенција, развиена од Михал Ирани од Институтот за наука „Вајцман“ во Реховот, Израел, дава резултати што се неверојатно прецизна репродукција на оригиналната слика што пред себе ја гледале луѓе додека им биле скенирани мозоците.
Моќниот магнет од fMRI скенерите го следи протокот од оксигенирана крв низ мозокот и најактивните области ги изразува како најсјајни.
Тимот на Ирани обучил модел со ВИ користејќи веќе достапни податоци за осум волонтери на кои им биле прикажани по околу 9.000 слики додека биле во fMRI-скенер со висока резолуција.
И други тимови го правеле ова, но алатките не им биле доволно добри. Да речеме дека некој видел банана. Алатките генерираат слика од банана, но таа не би ја имала истата структура, ниту истата положба, објаснува Ирани.

Една гранка од декодерот ја предвидува структурата на сликата (на пример, каде се боите), а друга ја предвидува содржината (на пример, повеќе банани на чинија). Резултатите потоа поминуваат низ модел со ВИ кој постепено го чисти шумот и создава многу попрецизен приказ. Покрај декодерот, бил користен и енкодер способен да ја предвиди мозочната активност врз основа на слика.
Се почнува со нова слика, на пример, од леопард. Енкодер предвидува како би изгледала fMRI снимката на мозокот на лице додека ја гледа таа слика. Потоа декодер ја реконструира сликата. На почетокот, реконструкцијата веројатно нема многу да личи на леопард. Но, повеќекратното обучување на моделите на овој начин води до значителни подобрувања, вели Ирани.
Со комбинирање на податоци од повеќе студии, нејзиниот тим успеал да идентификува мозочни региони кои имаат идентични функции кај сите волонтери. На пример, еден регион реагира на слики од храна, а друг на слики поврзани со спорт. Добиениот „универзален мозочен енкодер“ може да функционира со снимка од ново лице со минимална калибрација. За само еден час може прилично прецизно да се одреди што гледал човекот.
Ирани објаснува дека алатката може да им помогне на луѓето со синдром на заробеност – ретко невролошко нарушување со целосна парализа на телото додека свеста, размислувањето и когнитивните функции остануваат недопрени. Нејзиниот тим планира да премине од слики на видео и аудио, па и на реконструкција на мисли и соништа.
Научници предупредуваат дека новата технологија во иднина може да биде злоупотребена за читање на мисли на луѓе без нивна согласност. Пресвртница би било ако се развие декодер на сигнали од ЕЕГ - мерења на електричната активност на мозокот добиени преку капа со електроди, па и преку слушалки.
Откако ЕЕГ-уредот ќе се калибрира за конкретно лице, релативно лесно би можело да се извлечат информации од неговиот мозок, со или без негова согласност. Не се сомневам дека ова истражување имало добри намери, но прилично очигледно дека би можело да се искористи за комерцијални или други цели, проблематични од етички и општествен аспект... Можам да замислам сценарио во кое судови би дозволиле реконструкција на ментални слики како правен доказ, предупредува Марчело Јенца, невронаучник и филозоф од Техничкиот универзитет во Минхен.