Брисел се мачи со европската копија на Микрософт

Европската комисија гордо ја претстави новата апликација за комуницирање Element Pro од „домашно“ производство, како дел од иницијативата за откажување од зависноста од американската технологија. Службениците во Брисел се разочарани од алтернативата и предупредуваат на катастрофа ако САД решат да го прекинат пристапот до својата технологија.

Британската платформа Element Pro беше воведена во текот на летото за да се овозможи комуникацијата на персоналот на Комисијата доколку Microsoft Teams стане недостапен поради судир со САД. Внатрешен меморандум ја опиша како „суверена резервна копија на Teams“.

Системот работи на инфраструктура контролирана од Комисијата, а не на облакот на Microsoft. Вработените можат да го користат Element Pro за повици, пренос на датотеки и дискусии за проекти организирани во групи.

Персоналот во Европската комисија се жали дека копијата не може да ја изврши основната улога. Еден функционер од Брисел ја нарекол европската копија „апсолутно ѓубре“.

Друг, споредувајќи ги двете апликации, оцени дека Вашингтон „веднаш ќе ја добие војната“ ако во евентуален судир со Европската Унија одлучи да го блокира пристапот до својата технологија.

Метју Хоџсон, извршен директор на британскиот Element, изјави за Политико дека Комисијата сè уште го тестира софтверот. Тој признава дека има „одредено незадоволство“, но тоа го припишува како вообичаен проблем во раното воведување и како тешкотија на корисниците да се прилагодат на непозната апликација по обемната употреба на Teams. Хоџсон истакна дека Обединетите нации и НАТО веќе се корисници на Element Pro.

И други европски јавни институции спроведуваат слични промени. Франција најави планови според кои милиони државни службеници до 2027 година треба да престанат да ги користат американските сервиси за видео-конференции, вклучувајќи ги Teams и Zoom. Австриската војска лани го замени Microsoft Office со LibreOffice.

3 октомври 2026 - 14:31