Моделите со ВИ се како когнитивен вирус за луѓето

Општото распространување на вештачката интелигенција има впечатливи сличности со начините на ширење на вирусите, тврдат меѓународни истражувачи во нов труд. Освен тоа што широката употреба на јазичните модели може нè направи многу поглупави, таа предизвикува сложени психолошки и социолошки промени кои едвај почнуваме да ги разбираме.

Генеративната вештачка интелигенција навлезе во речиси секој аспект од нашето секојдневие, без разлика дали ни се допаѓа тоа или не. Речиси е невозможно да се избегне на интернет. 

Група истражувачи од Шпанија, Италија и САД сугерираат дека луѓето веќе го прилагодуваат сопственото однесување за да одговори на барањата на технологијата. Поставуваат нова теоретска рамка за тоа како сè повеќе стануваме зависни од алатки како ChatGPT и Claude и како тоа го менува нашето колективно разбирање на светот околу нас.

Ја воведуваме идејата за големите јазични модели како когнитивни вируси, како културно пренесени технологии, чие ширење е промовирано од нивната полза, но исто така може да ја зголеми зависноста преку когнитивно растоварување, се укажува во нивниот труд, кој сè уште не поминал низ рецензија. 

Авторите забележуваат дека учениците, програмерите, канцелариските службеници секојдневно користат алатки со ВИ за да ги растоварат обврските, притоа откажувајќи се од сопственото критичко размислување. Прилагодувањето кон јазичните модели има компонента „слична на зараза“, бидејќи навиките се шират од човек на човек. 

Тоа е лизгава патека, бидејќи губењето на автономијата се засилува самото од себе. Луѓето брзо се движат кон состојба на многу посилно когнитивно растоварување и пониска когнитивна компетентност, тврдат истражувачите.

Тие додаваат дека постојат начини луѓето да се заштитат од „инфекција“ преку процес што го нарекуваат „когнитивна имунизација“.

На ниво на население, когнитивната имунизација не значи спречување на контактот со ВИ. Таа подразбира зачувување на практиките и институциите што ја одржуваат човечката когнитивна активност: решавање проблеми без надворешна помош, верификација, критичка дискусија, периоди на свесно исклучување, одржување на вештини независни од ВИ, како и образовни пристапи во кои моделот поддржува когнитивната задача наместо целосно да ја извршува, објаснуваат авторите.

9 септември 2026 - 11:26