Кога Британија стрелаше свои војници заради Османлиите

Егзекуцијата се случува во 1915 и во неа се убиени 47 муслимани војници на британската армија оддалечени преку половина свет од битките што Британците ги водат со Османлиите.

Војниците се дел од 5-от лесен пешадиски полк на индиската армија. Единицата е основана во 1803 и континуирано има добри воени резултати. Во најголемиот дел од постоењето гарнизонот на единицата е во Индија, меѓутоа по почетокот на Првата светска војна се прераспределени во Сингапур.

Во периодот 1914-15 единицата целосно е составена од војници муслимани главно командувани од британски или индиски офицери.

Историските процени се дека единицата во тоа време е под лошо и неквалитетно раководство, а во исто време има поделба меѓу војниците на два табори. Сето ова ескалира кога се прераспоредни во Сингапур, каде, за разлика од Индија, не добиваат во изобиле храна на која се навикнати (козјо млеко и месо), а наместо тоа добиваат пилешко и малку млеко.

На почетокот на 1915 британската армија објавува дека 5-от лесен пешадиски полк ќе биде префрлен во Хонгконг, како замена за друг индиски полк. Меѓутоа тогаш почнуваат шпекулации меѓу војниците дека тие всушност ќе бидат товарени на брод и испратени во Европа, па дури и во Отоманската империја каде ќе треба да се борат против ко-верници муслимани.

Кога на 15 февруари доаѓа време да се качат на брод за Хонгконг, војниците предводени од индиските офицери решаваат дека ќе се кренат на бунт. Оваа желба им е засилена по церемонијата за испраќање, каде највисокото воено лице во Сингапур во својот говор не споменува дека тие ќе одат во Хонгконг.

Во 15:30 на пладне истиот ден, половина од над 800-те војници го започнуваат бунтот. Први жртви се двајцата британски офицери кои се обидуваат да го смират незадоволството.

По ова 100 од бунтовниците одат да земат дополнителна муниција и по пат убиваат уште 14 војници од својот гарнизон (10 Британци, 3 Малезијци и 1 Германец), и рануваат уште десетина војници.

Бунтовниците излегуваат на пристаништето и убиваат уште 18 луѓе.

Бунтот и престрелките траат до 17-ти февруари, кога во Сингапур пристигнуваат еден француски, еден руски и два јапонски бродови, кои заедно имаат околу 300 војници (190 француски, 75 јапонски и 22 руски). На нив им се приклучуваат 60 Сики војници и уште неколку британски морнари и Малезијци.

Заради недостаток на силно раководство бунтот во тие моменти веќе се распаѓа, па најголемиот дел од бунтовниците веќе деморализирани им се предаваат на војниците. До крајот на 17-ти февруари, заробени се 432 бунтовници.

Кон крајот на февруари пред воен суд се изведени 205 заробени бунтовници. Од нив:

- 47 се јавно егзекутирани.

- 64 добиваат доживотна казна затвор.

- 73 добиваат казна од 7 до 20 години затвор.

Иако британските власти сакаат бунтот да го сведат на лично незадоволство, низ годините станува јасно дека бунтот е дел од „поширока анти-британска и про-муслиманска борба“.

Кога Турција во првата светска војна се приклучува на страната на Германија, Австро-Унгарија и Италија, тогашниот султан Мехмед Решад прогласува џихад против сојузниците, и објавува фатва која ги повикува сите муслимани низ светот да се приклучат во борбата на Калифатот. Тежината на зборот на Решад е што титулата Отомански султан низ муслиманскиот свет се смета за Калиф на Исламот, кој пак традиционално од индиските муслимани се смета за последниот бедем на муслиманскиот свет по пропаста на Могулското царство во Индија.

„За муслиманите од 5-от лесен пешадиски полк, разговорот со Касим Мансур, индиски муслиман инаку трговец од Сингапур, доведува до дополнително потпалување на чувството на поделена лојалност од една страна кон верата, од друга кон колонијалните господари. Касим Мансур заедно со локалниот имам, Нур Алам Шах, често пати пречекуваат припадници на 5-от полк во домот на Мансур, каде ги убедуваат дека треба да ја испочитуваат фатвата објавена од Отоманскиот султан. Тие се поттикнувани да го свртат своето оружје против британските офицери и да придонесат за војната против неверниците кои се борат против муслиманските браќа што го бранат Калифатот на Западот,“ пишува Фариш Нур во книга за бунтот во Сингапур.

На јавната егзекуција на бунтовниците присуствуваат над 15.000 луѓе, а таа е изведена од припадници на различни британски единици во Сингапур.

Остатокот од единицата, 588 војници во јули истата година се распоредени во Камерун и Германска источна Африка.

3 февруари 2022 - 17:56