Господа, да зборуваме за тавчиња

Истите работи можеш да ги зготвиш и само со едно тавче и со неколку различни видови тавчиња, само што тоа што може да го зготвиш кога имаш неколку различни тавчиња никогаш не можеш да го завршиш само со едно тавче. Е, отприлика така комплицирано стојат работите со тавчињата.

Портфолиото на тавчиња што го поседуваш чисто е поврзано со тоа во кој стадиум од животот и кулинарството си во моментот.

Како што на времето неброени семејни ручеци и слави се опслужувале со неколку чингени тавчиња, така денес бригади и бригади студенти / млади парови успеваат да истераат цело образование / живот со неколку тефлон тавчиња. Се може секако.

Не е дека сè ова од списокот мора да се има, ама би било убаво, ама ако ти е мерак и затоа што секое си има свое.

Меѓу општите правила за користење е дека треба да се избере тавче по големина на оброкот, па тоа не треба ниту да биде преполно (да не се зготви сè како што треба), ниту да биде празно (може да се случи празниот дел од тавчето да се загрее повеќе од останатата површина, па да му се смени боја или да се извитка).

За одржувањето важно e да оставите тавчето да се олади пред да го миете, и ако можете избегнувајте да ги ставатe во машина за садови, туку фатете ги на рака и веднаш со крпа исушете ги.

 

Тефлон (нелепливо)

Главниот успех на нелепливите тавчиња (во понатамошниот текст тефлон) е што може да зготви кое било јадење и да му направи „корка“, а да не му ја мислиш дали пола јадење ќе загори и ќе го стругаш од тавче.

Популарноста на овој тип тавчиња е и затоа што сето ова тие можат да го постигнат без ниту капка зејтин, па одлично се вклопуваат во секакви беседи за здрав живот.

Магичното ветување на тефлонот доаѓа со една крајно кобна мана - тефлонот смее да се користи само и само ако нема ниту една зуцка на него. Плус никако, тефлон тавче не смее да биде празно загревано, и мора да има барем зејтин или путер во него. Доколку не се почитуваат овие две работи, тефлонот знае да биде канцероген.

Доброто е што се лесни за користење (и лесни по тежина) и може да готвите како да сте профи готвачи без загорување (што не значи дека никогаш не може да ви загори). Евтини се, ама па затоа не траат вечно, па ни долго, ако извадите 3-4 години од нив (редовно секојдневно користење) бидете среќни. Затоа препораката е при првото појавување на гребаница или зуцка, да ја замените со нова.

Рамнотежата што треба да се постигне кога се купува тефлон тавче е ниту да биде премногу скапо, затоа што нема потреба и нема да им го оставиш на внуците во наследство, ниту да биде премногу евтино бидејќи е важно да најдете тавче со квалитетен нелеплив премаз.

Поткатегорија на овие тавчиња се керамичките нелепливи тавчиња. Отприлика сè им е исто, освен што керамичките се помалку нелепливи, не се толку издржливи ама можат да издржат повисоки температури пред да станат штетни.

 

Чингено

Тоа што чингеното тавче е на второ место не зборува толку за него, колку за општонародната подготвеност и спремност во кујна. Да се разбереме ова е вистинскиот МВП во кујна.

Ниту го жалиш, ниту го мислиш, ниту нешто посебно го пазиш, плус евтино е и стандардно квалитетно, а вади боговски вкусни јадења.

Тајната во вкусноста на храната што излегува од него главно се должи на два фактори: прво, на него не му се ни приближуваат аматери, туку се пофаќаат луѓе кои некогаш вклучиле повеќе од две рингли во исто време; второ, тоа што бара зејтин за готвење па да не мора цела маса да прави мисловни вежби од типот „не се ни осеќа дека нема зејтин“.

Главниот минус е што во него храната знае да загори ако не и погодиш десет параметри и ако претходно повеќе пати не си ја правел.

Ростфрај

Некаде на пола пат меѓу нелепливи тави и леани тави е ростфрај тавата. Има нешто послаба нелепливост од тефлонот, а затоа што нема заштитни слоеви ја има издржливоста на леаното тавче. Во однос на овие два типа доминира во справувањето со јадења кои се карактеристични по својата киселост (пример сосови).

Не се нешто посебно добри во задржување топлина, ама  може да ги ставите во рерна за допечување на оброкот што го правите, со што имате леано тавче функционалност, без леано тавче одржување.

Токму леснотијата во одржување му е и главната предност, бидејќи не мора да се пази како тефлонот, слободно (ама не душмански) мафтајте со железен прибор, и не мора да се премачкува како леаното тавче. Веројатно најбезбеден од сите материјали за ставање во машина за садови.

Затоа пак, повеќе лепи отколку тефлон тавчето.

Кога купувате правилото е колку подебело тавче (од страните, не на дното) толку подобро.

Инаку, тоа што е ростфрај не значи и дека никогаш нема да зарѓа.

 

Бакарно

Главна предност на бакарните тавчиња е што изгледаат убаво и што се директно поврзани со професионални готвачи. Заради тоа се и неоправдано прескапи за по дома. Ама па добро личат и греота е да ги чуваш во шкаф.

Предноста што професионалците ја гледаат кај нив е во тоа што брзо се загреваат и рамномерно ја распределуваат топлината.

Друга предност е што професионалците главно имаат кој да им ги пере тавчињата, па не мора тие да се маткаат со комплицираното одржување на овие тавчиња кои за да изгледаат како што вие ги имате меморирано, најчесто бараат и полирање.

Уште една придобивка е што во нив можете да пржите што сакате.

 

Леано

Ако сакаш да се откажеш од готвење работи во тавче, најдобро е да купиш тавче од леано железо. Затоа што со тек на време полесно ќе ти стане да се научиш да јадеш само варена храна отколку да се бориш со овој туч од кујнски прибор.

Леаното тавче не загорува, ама само ако го пазиш и го премачкуваш после секое готвење.

Леаното тавче нема слој тефлон, ама треба да му направиш сопствен нелеплив слој од зејтин и бројни користења, на тој начин што ќе го миеш така што нема да го миеш многу темелно.

Леаното тавче кога го миеш, треба да пазиш премногу да не го измиеш, а потоа и да не го оставиш мокро, затоа што ќе го расипеш.

Исто така, ако истото ова леано тавче што го пазиш од рѓа го фрлиш на отпад и отидеш после 50 години да го земеш, ќе биде идентично употребливо како и дента кога си го купил, само што ќе треба малку да го светнеш.

Појасно ви е сега? Е, отприлика така е.

Вистински го бива за сè. За сè како готвење, иако специјалност му се партали месо, и за сè како извор на топлина, од шпорет и до рерна, до скара и отворен оган.

И нема смрт на каква и да е жештина да решиш да готвиш, само што ќе бара тинтрање.

Една од волшебните карактеристики на овој тип тавчиња е како ја шири и задржува топлината.

Стварно е многу добро, ама бара тинтрање, ама е добро, ама бара...

Мало предупредување, пазење кога се комбинира леано тавче и стаклена плотна. Втора работа, кај и да го фатиш е прежешко.

12 октомври 2021 - 18:32