
Иницијативата на пратеникот Тадеус Клегет е прв посериозен обид да се дефинира вештачката интелигенција, која многумина млади корисници ја чувствуваат како реална личност и така се однесуваат со неа.
Тие развиваат емотивен однос кон четботовите, кои вообичаено се тренирани да бидат афирмативни, ги сметаат за најдобар (понекогаш и единствен) пријател, ѝ со нив ги споделуваат своите најинтимни чувства. Во екстремни случаи се вљубуваат и склопуваат дигитални „брачни“ заедници.
Истражувачи од МИТ и Харвард од декември 2024 до август откриле повеќе од 1.500 споделени приказни на корисници за нивните врски со вештачка интелигенција. Анализата на овие пораки, насловена „Моето момче е ВИ“, покажала дека ваквите врски се последица на непланирано емотивно зближување на луѓето со машините. Најчесто избран партнер е ЧетГПТ, а далеку заостануваат CharacterAI и Replika. Повеќе од 70% од авторите на овие објави никогаш не биле во врска со човек. Само 1% забележале дека ја користат ВИ како замена за изгубен партнер.
Софтверските ажурирања на моделите ги доживуваат како отуѓување и ги коментираат: „како да не е веќе истата личност“.
Но, како што се надградуваат јазичните модели, се развива и нивната привлечност за корисниците. Тие стануваат поемпатични и прилагодливи.
Законот од Охајо ќе им го даде на пратениците, а не на судовите или на моралните стражари, правото да решаваат што се може да се смета за брачен партнер. Тоа се однесува и на јазичните модели со ВИ и на хуманоидните и други роботи со вештачка интелигенција.