Математичари се мачеле 12 години, кинеска ВИ го решила проблемот за 80 часа

Систем од моќни кинески алатки со вештачка интелигенција успеал за нешто повеќе од три дена да ја реши Андерсоновата претпоставка – сложен алгебарски проблем кој врвни математичари безуспешно го решаваа 12 години. Машината била оставена самостојно да го пронајде и да го верификува доказот. Ако во завршните чекори се вклучеле луѓе, ќе го решела и побрзо.

Андерсоновата претпоставка е проблем во комутативната алгебра претставен во 2014 година од Ден Андерсон, математичар од Универзитетот во Ајова. Се однесува на „својствата на квази-комплетните нетерски локални прстени“.

За да го решат, истражувачи од Универзитетот во Пекинг поставиле систем од два агенти со вештачка интелигенција заради автоматизирање на клучните фази од математичкото истражување. Првиот бил јазичен модел со способност за расудување, а вториот бил користен за верификација на доказите. Функционирале со меѓусебна комуникација, без суштинско надворешно влијание од луѓе, освен за обезбедување извори на информации.

Тие го користеле јазичниот систем со способност за расудување Rethlas, кој црпел податоци од пребарувачот за математички теореми Matlas за да ги истражи традиционалните стратегии за решавање на проблеми. Кога Rethlas ќе открие потенцијален доказ, се активира вториот систем Archon, кој ја користи алатката LeanSearch за да го провери доказот во библиотека со стотици илјади теореми и дефиниции.

Користејќи ја оваа рамка, успешно решивме отворен проблем во комутативната алгебра и автоматски го формализиравме доказот без практично никаква човечка интервенција. Ова е конкретен пример како математичко истражување може значително да се автоматизира со помош од ВИ, изјави Донг Бин, водечкиот автор на студијата, која се уште не е рецензирана.

При истражувањето, научниците забележале дека автоматскиот систем самостојно може да решава математички задачи побрзо од кој било човек, вклучително и од соработка на експерти од областа. Тие се убедени дека со интервенции од човечки оператори во Archon, проблемот би можел да биде решен и за помалку од 80 часа.

Ова истражување привлекува таленти за фузија на вештачка интелигенција и математика и ги позиционира кинеските универзитети како глобални лидери, намалувајќи ја зависноста од странски алатки со ВИ, забележува деканот на Меѓународниот центар за математички истражувања во Пекинг (BICMR), Жуочуан Лиу.

14 април 2026 - 14:44