Уште ова фалеше: ЧетГПТ порно

Опен АИ ќе им овозможи на полнолетни корисници да ЧетГПТ да креираат „еротски содржини“, со помош од вештачката интелигенција. Ако се возрасни, тогаш нека имаат пристап до содржини за возрасни, објаснува шефот Сем Алтман. Всушност почнува натпревар со моделот Грок на Илон Маск, кој може да ја загрози доминацијата на порнографските содржини на интернетот.

Еротизацијата на ЧетГПТ ќе биде овозможена од декември, кога ќе биде воведена потемелна проверка на возраста на корисниците што пристапуваат. 

Сега кога успеавме да ги ублажиме сериозните проблеми со ризикот за менталното здравје на корисниците и имаме нови алатки, ќе можеме безбедно да ги олабавиме ограничувањата во повеќето случаи. Како дел од нашиот принцип „третирај ги возрасните корисници како возрасни“, ќе дозволиме уште повеќе, како еротика за потврдени возрасни, порача Алтман. 

Компанијата xAI  на Маск уште пред неколку месеци на своите корисници им нуди опција да разговараат на сексуални теми со Грок. Промовирани се и визуелизирани помошници, аватарите Ани и Валентин, кои им се достапни и на деца со навршени 12 години.

Еротиката долго време беше табу во ОпенАИ, но уште лани почнале првите истражувања дали треба да се активира на ЧетГПТ. 

Не се обидуваме да создадеме порнографија со вештачка интелигенција, изјави Џоана Јанг, менаџерка во ОпенАИ, но додава: „Она што ќе биде дозволено зависи од вашата дефиниција за порнографија“. Таа тврди дека на платформата ќе бидат забранети дипфејкови – генерирање вештачки содржини со ликови на реални луѓе.

Критичарите велат дека одлуката на ОпенАИ да дозволи еротика на платформата покажува потреба од поголема регулација на содржините со вештачка интелигенција.

Професорот по бизнис Роб Лалка предупредува дека ништо нема да ги запре големите технолошки компании во битката за поголем пазар.

Ниту една компанија досега не се проширила со корисници како ОпенАИ со ЧетГПТ. Императив е да се продолжи тој експоненцијален раст и да се обезбеди што поголема доминација на пазарот, вели Лалка.

15 октомври 2025 - 08:34