ДЈИ има нов мега-супер-добар дрон

Дронот има цел список набилдани технички капацитети (2 камери, 8К, 4К...) кои се сумирани во една многу важна цифра од 10 илјади долари за основниот модел М30 (М30Т чини 14 илјади долари).

За волја на вистината ни ДЈИ не го сметаат ова за дрон за секого, туку за крајно професионален дрон за полиција, пожарникари, спасувачи или сопственици на непрегледни нафтени полиња, соларни панели и слични инсталации.


Иако има цела вреќа камери и оптика, М30 за разлика од помалите колеги не е замислен за кинематографија. Ова останува и покрај тоа што доаѓа со:

- 12 мегапиксели широка 4К камера што снима во 30 фрејмови.

- 48 мегапиксели зум камера (16х оптички / 200х хибриден зум) што снима видеа во 4К, а фотографии во 8К резолуција.

- Термална камера.

- Ласерски мерач на далечина.

Батеријата му држи некои си 40 минути летање.


За дронот за прв пат има и ДЈИ док, станица за полнење и слетување што дозволува поголем досег на лет и далечинско користење на дронот. Докот дозволува „автоматски, репетитивни летови на дронот, дури и во најсуровите климатски услови“, што го постигнува со отпорност на вода ИП55, и опсег на температура за работа од -35 до +50 степени Целзиусови. Плус, докот доаѓа со сопствена метеоролошка станица која на лице место проверува дали временските условите се поволни летање на дронот. Да, на докот му треба струја и интернет мрежа (иако има опција да му се стави 4Г картичка). Инаку, полнењето на дронот е 90% од батеријата за 25 минути.

Комплетот док + М30 дрон е 29.999 долари.

23 март 2022 - 16:09