Објект 99, најскапата вила на Тито

Објект 99, Вила Извор, Титовата вила, се имињата за некогаш најскапата вила во портфолиото на Јосип Броз Тито со површина од 6.500 метри квадратни (ако ви е полесно - 65 станови по 100 квадрати) сместена во близина на Плитвичките езера. Официјалното име и е Зграда на републичкиот протокол, додека приказната зад името „Објект 99“, наводно, е доста помрачна.

Како што завршува Југославија, така завршува и златното доба на вилата. Таа останува во сопственост на хрватската држава која прво во војната не успева да ја одбрани, а потоа речиси ја баталува спорадично споменувајќи некакви студии за нејзино закрепнување или нови сопственици.

Вилата почнува да се гради во 1948 и изградбата трае се до 1953, исклучиво од политички затвореници, кои според една верзија главно се од логорот Лепоглава, па подоцна се донесени и од Голи оток. Според друга политичките затвореници од Голи оток, Градишка и Митровица се задолжени за градење, а оние од Лепоглава за правење мебел и остатокот од ентериерот. Според трета, не е бирано кој политички затвореник и од каде ќе биде ангажиран.

Целата вила, од копање до градење е работена рачно од затворениците без никаква машинерија, вклучително и ископувањето на 80-метарскиот подземен тунел кој се користи за излез од резиденцијата во итни случаи.

Легендата е дека името „Објект 99“ го добива затоа што при изградбата умираат 99 работници. Помалку егзотичното објаснување вели дека „99“ е кратенка од „Војна пошта 9911“, под која припаѓа вилата.

Една буџованска во Извор, без Тито

Друга непотврдена легенда е дека парите за изградбата на вилата ги даваат Американците откако Тито му се спротивставува на Сталин (втора половина на 1948) и ја отфрла Резолуцијата на Информбирото. Тогаш вилата е предвидена како дел од стратегијата за одбрана од Сталин и очекуваниот масовен советски напад врз Белград, и таа заради својата затскриеност и затоа што се наоѓа по на запад од Белград би требала да служи како засолниште на комплетното југословенско раководство.

Стратешки е важна и близната на вилата до морето, за да може да се искористи потенцијално истоварување на американски војници на јадранскиот брег, како помош во евентуалниот напад.

Вилата е целосно автономна од остатокот на светот, сама произведува струја и има сопствен извор за вода.

Една пионерска

Без разлика на грандиозноста, Тито во вилата доаѓа едвај неколку пати (најчесто споменувана бројка е - 6 пати), меѓутоа во слободно време е либерално користена од други југословенски буџовани (цивилни и воени). Последен пат Тито ја посетува вилата во 1976.

Без разлика што меѓу народ се води како „вилата на Тито“ таа никогаш не била во сопственост на Тито, туку е на Сојузната влада. Тито имал само две негови вили една на Ужичка 15 на Дедиње и втората на Бриони.

Нема гладни да седат.

Објект 99 се наоѓа во регионот Лика, исто како и уште еден мега-објект од времето на СФРЈ, аеродромот Жељава. Процената е дека во тоа време изградбата на двата објекта чини колку „да се изгради автопат со четири ленти од Триглав до Гевгелија“.

Иако вилата континуирано пропаѓа уште од смртта на Тито, Нови лист  пишува дека најголемите грабежи се случуваат за време војната во Хрватска во почетокот на 1990-те, кога, според локалните жители, „милицијата на Милан Мартиќ се натпреварува кој повеќе ќе украде, посебно од апартманите на Тито.“

Денес од вилата е оставена само бетонската конструкција и камењата.


Претходната репортажа е од февруари 2021. 13 години претходно во 2008, една друга група ентузијасти ја посетува вилата, и тогаш, за разлика до сега уште има трагови (мебел, елементи, инфраструктура) од оригиналниот ентериер:

28 јануари 2022 - 16:46