Зошто ти е јако кога готвиш за други

Поточно, кога печеш торти и колачи. Објаснето од психолози.

Луѓето што сакаат да готват користат каков и да е изговор да вклучат рерна. Прават торта за да крунисаат нечиј роденден, робијаат над колачиња за да прослават празник и сплескуваат браунис затоа што едноставно, сите сакаат чоколадо. Сепак, излегува дека готвењето не е само до тоа да направиш нешто вкусно. Готвењето, особено кога е за други, може да дојде заедно со многу психолошки придобивки.

„Готвењето на луѓето им овозможува креативно изразување,” вели Дона Пинкус, професор по психологија во Бостон за Хафингтон Пост. „Во литературата има многу примери за поврзаност меѓу креативното изразување и општата добросостојба. Без разлика дали се работи за сликање, музицирање или готвење, има едно ослободување од стрес кај луѓето што ќе си најдат вентил и начин да се изразат.”

Стресот е поврзан со многу ментални и физички проблеми и многу е важно да се најде начин да се справи човек со стресот, за да може да води здрав живот.

А, готвењето за други е начин да се комуницираат чувствата. Според друга професорка по психологија од Масачусетс, Сузан Витборн ја истакнува културолошката норма на носење храна кај човек што загубил некој сакан. Понекогаш се нема зборови, а храната може да го каже она што всушност се обидуваш да го кажеш. Вели, „може да помогне за луѓе што имаат потешкотии да ги покажат чувствата, да изразат благодарност, чест или емпатија со нешто зготвено.”

Џули Охана, лиценциран клинички социјален работник и кулинарски терапевт вели:

„Во многу култури, во многу земји, храната е израз на љубов и тоа е прекрасно затоа што сите можеме да се најдеме во тоа. Мислам дека е нездраво кога ќе достигне до степен да ја замени традиционалната комуникација, но ако се прави заедно со неа, апсолутно е позитивно и неверојатно нешто.”

Пинкус вели,

„Готвењето бара многу внимание. Мораш да мериш, да се фокусираш физички на месење тесто. Ако си фокусиран на мирис и вкус, на присутност пред она што го создаваш, самиот тој момент носи резултат при намалување на стресот.”

Готвењето е следење на деталите „сега и овде”, размислување за рецептите како целина, јадењето како целина, што ќе се прави со тоа, кај кого ќе оди, кое време ќе го споделиш… Што значи дека е навистина добар начин да се развие тој баланс на моментот.

А не само што таа свесност е добра вештина, туку олеснува и кога чувствуваш тага. Пекарот што победи на The Great British Bake Off во 2012-та, јавно кажа дека со готвење си помогнал да излезе од манична депресија. Според Пинкус, „не поминуваш време анализирајќи ги сопствените мисли, а знаеме дека претерано анализирање води кон депресија и тага. Ако правиш нешто продуктивно, како што е готвење, имаш многу опиплива награда на крај и тоа е многу фино.”

А во јадрото на готвењето за други е самиот чин на дарување. Процесот можеби придонесува на општата добросостојба, но самото „давање” го зголемува интензитетот на тоа чувство.

„Готвење за други го подобрува тоа чувство на општо добро, ослободува од стрес и ве тера да се чувствувате како да сте направиле нешто добро за светот, што понатаму ви го зголемува значењето на животот и ја подобрува конекцијата со другите.”

Охана на крај, вели:

„Мислам дека да понудиш некому храна ти дава исто толку утеха тебе колку и на човекот што ја добива.”

И, што ќе готвите денес и за кого?

1 август 2019 - 00:00