Во Перт, Австралија, две најдобри пријателки го отвораат The Blackout Room, поп-ап клуб што организира настани исклучиво за жени.
Нема мажи. Нема „насмевни се малце“. Нема фаќање околу струк да помине.
Само чиста, безбедна забава.
И настаните се распродаваат.
Адел Казинс и Шерис Содерберг се жените зад овој феномен кој повторно ја активира ноќната сцена во Перт. Работат, имаат приватни бизниси и мајки се, но наоѓаат време и да основаат клуб кој го нарекуваат „најдобрата лејдис-најт во градот“.
Билетите за нивниот настан во хотелот Абердин започнуваат од 29 австралиски долари и вклучуваат бесплатен шот на влез. „Посетата е масовна“, вели Адел. „Од млади девојки до жени кои слават 60-ти роденден - сите сакаат простор каде што можат да се забавуваат без притисок.“
Идејата се родила од едноставна фрустрација: како што созреваш, забавувањето во типични клубови станува сè помалку пријатно.
„Имам 42 години. Сакам да излезам, да танцувам, но не сакам да се справувам со досадни флертови или непријатни коментари,“ вели Адел.
Иако настаните се популарни, не поминуваат без отпор. Коментарите на социјалните мрежи се полни со сарказам: „А кој ќе ви ги купува пијачките?“ или „Ова нема да потрае“. Но организаторките не се загрижени. Мажите веќе имаат свои простори - клубови, пабови, голф терени, па прашуваат:
„Зошто е толку радикално да бараме и ние нешто за себе?“
Иако некои го гледаат ова како ослободување, други прашуваат: дали одвојувањето е решение - или само реакција? Слична дебата се водеше и минатата година во Тасманија, кога музејот MONA беше принуден да ги пушти мажите на women-only инсталација откако кукаа по судови дека не ги пуштаат.
Но зад сите правни расправии и онлајн коментари, клучното прашање останува: дали жените навистина треба да создаваат паралелни простори за да се чувствуваат безбедно и почитувано?
The Blackout Room не е долгорочен клуб. Поп-ап настани се, создадени од потреба - но потреба што кажува многу за културниот моментум. Сè додека жените не можат без страв да танцуваат во „нормален“ клуб, ваквите проекти не се само валидни - туку неопходни.
И, ако ништо друго, барем ова покажува дека желбата за заедништво, безбедност и автентична женска енергија не е исчезната - само чекала свој простор.