Според некои психотерапевти, со неколку мали прилагодувања, можеме да го задржиме уживањето во слободното време, а сепак да ја почнеме неделата поенергични, посмирени и пофокусирани.
Кај е проблемот?
1. Преголема изложеност на екрани
Дали преку бинџање серии или бескрајно скролање на ТикТок - ваквите активности нудат моментално олеснување од стресот, но можат сериозно да го нарушат природниот биоритам. „Прекумерното гледање во екран, особено доцна навечер, може да го поремети сонот, апетитот и енергијата,“ вели психотерапевтката Керолин Карол.
Совет: поставете тајмер или направете намерна пауза откако ќе завршите епизода или скролање. Наместо уште еден видео-клип, направете нешто физичко: кратко готвење, истегнување, или запишување мисли во дневник.
2. Потполно избегнување движење
По напорна недела, некои луѓе или го полнат викендот до максимум или не стануваат од кревет. Но телото и умот имаат потреба од движење. „Не го гледајте вежбањето како обврска или казна - туку како начин да останете присутни во сопственото тело,“ вели Карол.
Доволно е кратка прошетка, танц додека чистите, или неколку минути истегнување пред денот да започне.
3. Никаква подготовка за наредната недела
Планирањето на оброци, обврски или распоред за децата често изгледа премногу на крајот од неделата. Но избегнувањето на планирање всушност ја зголемува анксиозноста - бидејќи барањата остануваат нејасни и неизвесни.
Решение: почнете со минимални чекори. Прегледајте го календарот за од понеделник или запишете една работа што не сакате да ја заборавите. Мала структура може да донесе смиреност.
4. Потполно нарушување на ритамот на спиење
Спиење до пладне или останување будни до 3 часот можеби звучи ослободувачки како за викенд, но телото не може брзо да се ресетира до понеделник. Последиците: ментална магла, раздразливост и нарушен апетит.
Решение: обидете се секогаш да станувате во слично време. Ако останете подоцна будни, прашајте се дали тоа навистина ви носи одмор или само продолжувате со бесцелно скролање.
5. Викендот како листа на обврски
Многу луѓе викендите ги користат да ги сработат сите останати задачи - од перење алишта до чистење гаража. Иако тоа носи чувство на достигнување, не носи чувство на исполнетост.
Балансот помеѓу потребите (обврските) и желбите (задоволствата) е клучен. Спојте го корисното со убавото - на пример, слушајте омилен подкаст додека средувате, или испланирајте средба со пријател по пазарењето.
6. Потполно психичко исклучување
Идејата да се исклучиме од сè може да делува привлечно, но може да доведе до изолација, досада и дури и депресивно расположение. Кога целосно се повлекуваме, ги губиме моментите што ни ги активираат природните хемикалии за добро расположение.
Лесно решение: договорете кафе со пријател или прошетка. Дури и неколку часа социјализација се доволни за подобрување на расположението.
Како да го промениме начинот на кој го доживуваме викендот?
Многумина чувствуваат вина ако не прават „нешто продуктивно“, па викендот станува список со заостанати задачи. Но вистинското полнење батерии е предуслов за добар старт на новата недела. Одморот не е луксуз - туку неопходност.