
На прв поглед, среќата и анксиозноста изгледаат како спротивности, а сепак, многумина откриваат дека токму во моментите на радост се јавува чувство на загриженост или страв дека нешто ќе се наруши. Овој феномен, иако ретко е тема на јавни разговори, има своја психологија која може да помогне да се разбере.
Една од главните причини е несвесната потреба за контрола. Кога доживуваме позитивни емоции, мозокот автоматски ја проценува ситуацијата: „Колку ќе трае ова? Дали нешто ќе се промени?“ Овој аларм потекнува од самата наша еволуција - способноста да се предвиди ризикот овозможувала преживување. Денес, ова се манифестира како анксиозност во моментите на среќа.
Друг фактор е перцепцијата на очекувањата - кога ни се случува нешто добро, знае да се појави мисла дека мора да се оправда тоа, или барем да се задржи истиот висок стандард. Ова создава притисок, иако на површината ситуацијата е позитивна. Ваквите реакции се особено присутни кај многу амбициозни луѓе, или навикнати да ги контролираат сите аспекти од животот.
И социјалните мрежи не нè оставаат на раат - на платформи каде што среќата често се прикажува во идеализирана форма, корисниците постојано ја споредуваат својата реалност со туѓите „среќни моменти“, што создава парадокс: додека уживаме во својот момент, дел од нашето внимание се насочува кон можните „недостатоци“ или споредби. Ова само ја поттикнува анксиозноста.
Психолошки, ова е феномен на епизодна напнатост. Нашиот мозок реагира на среќата со краткотрајно чувство на страв од губење. Тоа не значи дека сме неблагодарни или дека не можеме да уживаме; напротив, тоа е природна реакција на интензитетот на позитивната емоција и свесноста за оваа динамика може да помогне да се прифати моментот без дополнителен стрес. Практично, справувањето со анксиозност предизвикана од среќа вклучува техники на свесност, присутност и самоприфаќање. Да не се обидуваме да го контролираме моментот или да го анализираме, може едноставно да се дозволи да се доживее. Длабокото дишење, кратките паузи и фокусот на сетилата во сегашниот момент помагаат да се намали менталната напнатост.
Иако оваа тема ретко се дискутира, признавањето дека среќата и анксиозноста можат да коегзистираат е важен чекор кон здрава психолошка перцепција- се работи за природна реакција која со тек на време може да се занемари доволно за да не влијае на секојдневието.