Јас сум многу затворен човек и воопшто не ме интересира внимание од јавноста. Но, со оглед на неверојатно неточните напади кон мојот татко, Вуди Ален, сметам дека не смеам веќе да молчам, додека постојано го обвинуваат за злосторство што не го извршил.
Бев присутен за сѐ што се случуваше во нашиот дом пред, за време и после наводниот настан. Сега кога спласна општата хистерија, се надевам дека вистината може да биде ферски сослушана и сакам да ја споделам мојата приказна.
4 август, 1992 беше топол и сончев ден во Бриџвотер, Конектикат, но во нашата семејна куќа, Фрог Холоу беше студено. Мајка ми, Миа Фароу беше излезена на шопинг со другарка од детството - Кејси Паскал. Јас имав 14 години и бев дома тој ден со мојата помала сестра Дилан, која штотуку имаше наполнето седум години, мојот четиригодишен брат Сачел (кој сега се нарекува Ронан) и трите деца на Кејси. Нѐ надгледуваа нашата дадилка Кристи, како и нивната, Алисон, плус туторот по француски, Софи. Куќата беше полна.
Имаше уште еден возрасен во собата каде што гледавме телевизија тој ден, седеше на подот и гледаше „Кој го намести зајакот Роџер“ со нас - Вуди Ален. Површно гледано, ова не беше различно од други негови посети на нашиот дом. Но, мајка ми нѐ имаше ставено сите на штрек, да не го испуштаме од вид. Беше бесна од разбирливи причини: седум месеци претходно, дозна дека бил во интимна врска со мојата 21-годишна сестра Сун-Ји, откако откри фотогррафии од нејзе во станот на Вуди. Со месеци ни бушеше во глава со мантра: Вуди е зол, чудовиште, ѓаволот, а Сун-Ји е мртва за нас. Ова беше константен рефрен, без разлика дали Вуди беше присутен (толку често го повторуваше тоа, што Сачел на дадилките им викаше „Татко ми се ебе со сестра ми.“ Само што имаше наполнето четири години.). Мајка ми ни беше единствен извор на информации за Вуди - и беше крајно убедлива.
Како најстар син во куќата тој ден, многу сериозно ги сфатив предупредувањата на Миа. Решив дека ми е работа да ја поддржам мајка ми и очајно сакав да ме пофали, како што сакаа и останатите нејзини деца. Исто така постојано ми се докажуваше дека ако се противам на нејзините желби ќе дојдам до ужасни реперкусии. Решив дека нема да го тргнам погледот од Вуди додека не се врати. Но, потајно бев растргнат.
За да објаснам зошто, ќе ви напишам некои информации за нашето семејство.
Иако Вуди и Миа никогаш не се земаа - и тој никогаш не живееше со нас, дури не ни преспиваше во нашиот стан во градот - често доаѓаше околу 6.30 наутро, со два весници и мафини. Јас се будев пред другите и заедно со него седевме на масата во кујната и појадувавме. Додека тој читаше Њујорк Тајмс, јас земав Њујорк Пост и веднаш одев кај стриповите и крстозборите. Мирно седевме заедно пред да ја разбудиме Дилан. Тој ѝ правеше тост со цимет или мед и седеше со нејзе додека таа јадеше.
Некако, не ми личеше на чудовиште.
Моите постари браќа и сестри беа сите биолошки или посвоени деца на Миа и нејзиниот поранешен сопруг, Андре Превин. Во 1985, Миа ја посвои Дилан. Две години подоцна, таа и Вуди го добија нивното единствено биолошко дете Сачел. На свои 49, Вуди изгледаше воодушевен од неговата нова улога на татко.
Миа ме посвои мене, нејзиното седмо дете, како самохран родител во 1980. Во 1992 успешно издејствува Вуди да може да нѐ посвои мене и Дилан, со тоа што на агенцијата за посвојување ѝ напиша детално писмо за тоа колку прекрасен родител е Вуди. Воодушевен бев кога Вуди официјално ми стана татко, затоа што веќе ја имаше преземено таа улога во мојот живот. Игравме кошарка и шах, одевме на риболов, си подававме топка. Како што поминуваа годините, Сачел, Дилан и јас често одевме на негови снимања и седевме во студија за монтажа. Навечер, доаѓаше во станот на Миа да се дружи со нас. Ниеднаш немав видено неприкладно однесување.
И потоа, се разбира, се раширија вестите за Вуди и Сун-Ји и сѐ се промени. Мајка ми инсистираше да ги отстраниме и двајцата од нашите животи и немавме друг избор освен да прифатиме.
Дури и луѓето што се сомневаат во тврдењата на Дилан за нападот, често се држат за неговата врска со Сун-Ји, како оправдување за нивната скептичност кон него. Јавните напади кон Сун-Ји од непознати сѐ уште ме вџашуваат, како и општата дезинформација што толку многу луѓе ја сметаат за факт. Таа не му е ќерка на Вуди (посвоена или било каква) ниту има пречки во развојот (Има магистратура од областа на специјалното образование од универзитетот Колумбија!). И тврдењата дека почнале врска додека сѐ уште била малолетна се тотално лажни.
Реално, Вуди и Сун-Ји едвај да имаа прозборено за време на нејзиното детство. Мајка ми прва предложи, кога Сун-Ји имаше 20 години, Вуди да се дружи малку со неа. Тој се согласи и почна да ја носи на натпревари за кошарка. Така им почна романсата. Да, неортодоксно е, непријатно, дисруптивно за нашето семејство и ужасно ја повреди мајка ми. Но, самата таа врска не беше ни одблиску разорувачка за нашето семејство колку што беше инсистирањето на мајка ми неговото предавство да го направи центар на нашите животи од тогаш па натаму.
Фаталната дисфункционалност во моето детство немаше никаква врска со Вуди. Почната е долго пред тој да се појави и произлегува директно од еден длабок и упорен мрак во семејството Фароу.
Во Холивуд се знаеше дека дедо ми, режисерот Џон Фароу беше озлогласен алкохоличар и сериски љубовџија. Имало безброј алкохолизирани расправии меѓу нејзините родители и Миа ми кажуваше дека била жртва на обид за злоупотреба и во нејзиното семејство.
Нејзиниот брат, мојот вујко Џон, кој многу често нѐ посетуваше кога бевме мали, во моментов е во затвор за повеќекратна злоупотреба на деца (мајка ми никогаш јавно не го искоментира ова и не изрази загриженост за неговите жртви). Вујко ми Патрик и неговото семејство често доаѓаа, но посетите знаеја брзо да завршат, откако ќе почнеше расправија меѓу Миа и Патрик. Патрик се самоуби во 2009.
Мајка ми, се разбира, имаше свој мрак. Се омажила за 50-годишниот Френк Синатра кога имала само 21 година. Откако се развеле, се преселила да живее кај нејзината блиска пријателка, Дори Превин и нејзиниот сопруг Андре. Кога мајка ми забременила од Андре, се растурил неговиот брак со Дори и Дори завршила во институција. Ова кај нас дома никогаш не се спомнуваше, и не го ни знаев до пред неколку години. Но, јас како што гледам на тоа - како терапевт и очевидец - лесно е да се види зачетокот на дисфункционалноста која подоцна ќе процвета во нашиот дом.
На мајка ми ѝ беше важно пред светот да проектира слика на среќно, измешано семејство од биолошки и посвоени деца, но ова беше далеку од вистината. Сигурен сум дека мајка ми имала добри намери со посвојувањето деца со инвалидитет, кои доаѓале од ужасни услови, но реалноста меѓу нашите ѕидови беше многу поинаква. Ме боли кога ќе се присетам на примери во кои сум сведочел како мои браќа и сестри, некои слепи, некои физички инвалиди, беа влечкани по скали, фрлани во спална или плакар и заклучувани од надвор. Еднаш дури и го затвори мојот брат Тадеус, параплегичар од полио, во шупа надвор во дворот и го остави да преноќи, поради ситна непослушност.
Сун-Ји ѝ беше најчеста жртва. Сестра ми имаше независна жичка и од сите нас најмалку се плашеше од Миа. Кога ќе ја притиснеше, во лице ѝ го плескаше однесувањето и се случуваа грди караници. Кога Сун-Ји беше мала, Миа еднаш ја гаѓаше со порцелански украс. За среќа, промаши, но се скрши и ја удри по нозете. Години подоцна, Миа ја истепа со телефонска слушалка. Сун-Ји јасно кажуваше дека сака да биде оставена на мир и тоа постепено почна да се случува. Без разлика што врската со Вуди ѝ беше неконвенционална, ѝ овозможи бегство.
Другите ја немаа таа среќа.
Повеќето медиуми тврдеа дека сестра ми Там умрела од инфаркт на возраст од 21. Всушност, Там се бореше со депресија поголем дел од животот, ситуација што ја влоши мајка ми, одбивајќи да ѝ пружи помош и инсистирајќи дека Там е „таква нерасположена“. Едно попладне во 2000, после последната расправија со Миа, по која мајка ми ја напушти куќата, Там се самоуби со предозирање со апчиња. Мајка ми на луѓето им кажуваше дека предозирањето било случајно, велејќи дека Там, која беше слепа, не знаела од кои апчиња зема. Но, Там имаше беспрекорна меморија и чувство за просторно препознавање. И се разбира, тоа што беше слепа не значеше дека не знае да брои.
Деталите за предозирањето на Там и расправијата со Миа која доведе до тоа ми ги раскажа брат ми Тадеус кој бил сведок на тоа од прва рака. За жал, повеќе не е тука да потврди. Пред две години, Тадеус изврши самоубиство - се застрела во кола, на помалку од 10 минути оддалеченост од куќата на мајка ми.
Сестра ми Ларк беше уште еден смртен случај. Отиде по пат на самоуништување, се мачеше со зависности и на крај почина сиромашна, од СИДА во 2008, на 35-годишна возраст.
За сите нас, животот под покривот на мајка ми беше невозможен ако не правиш како што ќе ти се каже, колку и да е проблематична наредбата.
Летото кога бев меѓу прво и второ одделение, ставаа нови тапети во мојата спална, која беше спроти спалната на мајка ми, и таа влезе и на мојот кревет најде метро. Ме прободе со погледот и се извадив од памет, и ме праша дали јас сум го земал, бидејќи го барала цел ден. Стоев пред неа, смрзнат. Ме праша зошто е на мојот кревет. Ѝ реков дека не знам, дека можеби некој од мајсторите го оставил таму. Ме праша повторно, и повторно и повторно.
Кога не доби одговор каков што сакаше, ме плесна по лице и ми ги отфрли очилата. Ми рече дека лажам и ме однесе на браќата и сестрите да им кажам дека сум го земал метрото. Низ солзи ја слушав додека објаснуваше дека ќе вежбаме како требало да се случи. Таа ќе влезе во собата и јас ќе ѝ кажам дека ми е жал што сум го земал метрото, дека сум го земал да си играм и дека никогаш веќе нема тоа да го направам. Ме тераше да го вежбам тоа најмалку шест пати.
Така почна нејзиното тренирање, спремање и вежбање реплики - во основа - перење на мозокот. Станав анксиозен и плашлив. Еднаш, кога ми даде нов пар фармерки, си помислив дека ќе изгледа јако ако ги засечам малку. Кога Миа виде што сум направил, ме истепа и ме натера да се соблечам гол - рече, „Не заслужуваш облека“, и ме тераше да стојам гол во аголот на собата, пред моите постари браќа и сестри кои само што се имаа вратено од вечера со нивниот татко Андре (кога го кажав ова јавно за Пипл во 2014, Дилан го нарече „предавство“ и рече дека „сум мртов за неа“. Подоцна јавно ги отфрли моите сеќавања како „ирелевантни“. Ова доаѓа од жена што сега се нарекува себеси „гласноговорник за жртви на злоупотреба“).
Да возвратам со борба не беше опција. Еден летен ден, Миа ме обвини дека сум ги затворил завесите во собата за телевизија. Беа затворени од претходно, кога Дилан и Сачел гледаа филм. Инсистираше дека јас сум ги затворил и така сум ги оставил. Другарка ѝ Кејси дојде да ја посети и додека беа во кујната, мајка ми упорно инсистираше дека сум ги затворил завесите. Во тој момент не можев веќе да издржам, се изгубив и почнав да викам „Лажеш!“ Ме прострела со поглед, ме однесе во бањата. Неконтролирано ме удираше по целото тело. Ме шамараше, ме буткаше наназад, ме удираше по градите и викаше, „Како се осмелуваш да ме нарекуваш лажга пред другарка ми. Ти си патолошки лажго.“ Бев поразен, без воздух, уморен и претепан. Миа ми го одзема гласот и чувството за себе. Јасно беше дека ако отстапам макар и малку од нејзината внимателно оформувана реалност, тоа нема да го толерира. Таквото воспитување парадоксално ме направи и послушен и лојален кон нејзе, како и длабоко преплашен.
Накратко, тоа не беше среќен дом - ниту здрав. Што нѐ носи до 4 август, 1992.
Непознати на Твитер постојано ме прашуваат: „Не си бил присутен за да сведочиш на нападот, како знаеш дека не се случил?“
Ама, како човек да сведочи на напад, ако нападот не постои?
Како „мажот во куќата“ тој ден, ветив дека ќе внимавам да нема проблеми и го правев токму тоа. Се сеќавам каде седеше Вуди и знам каде седеа Дилан и Сачел. Не дека сите беа залепени за истите места, но намерно гледав да внимавам каде одат сите. Се сеќавам дека Вуди ќе излезеше повремено, но ниеднаш со Дилан. Ќе одлуташе во друга соба да се јави на телефон, да прочита весник, да оди до тоалет или да прошета надвор.
Заедно со петте деца, имаше тројца возрасни во куќата, на кои со месеци им беше зборувано какво чудовиште е Вуди. Никој од нас немаше да дозволи Дилан да се оддалечи со Вуди, дури и тој да пробаше. Дадилката на Кејси, Алисон подоцна тврдеше дека влегла во собата и го видела Вуди како клечи на подот со главата кај Дилан во скут. Сериозно? Со сите нас присутни? И ако посведочила на тоа, зошто веднаш не ѝ кажала нешто на нашата дадилка, Кристи? (Се сеќавам и на една дискусија за ова, дека можеби можело да се случи и на скалите) По дифолт, таванот стана сцена за наводниот напад.
Во нашироко циркулираното отворено писмо во Њујорк Тајмс од 2014, возрасната Дилан како да се сеќаваше на секој момент од наводниот напад, и напиша, „Ми рече да легнам на стомак и да си играм со возот-играчка на брат ми. Потоа, сексуално ме нападна. Ми зборуваше додека го правеше тоа, ми шепкаше дека сум добра, дека ова е наша тајна, ми ветуваше дека ќе ме носи во Париз и дека ќе бидам ѕвезда во неговите филмови. Се сеќавам дека зјапав во вовчето, фокусирана на него додека вртеше кругови низ таванот. До ден денес ми е тешко да гледам во возови.“
Ова е прецизен наратив, но има еден голем проблем: немаше електрично вовче на тој таван. Немаше никаков начин деца да си играат таму, дури и да сме сакале. Беше недовршен простор со низок плафон, под стрмен покрив, со изложени шајки и греди, изолација од стаклена волна, преполн со стапици и измет од глувци и стара облека на мајка ми.
Идејата дека тој простор може да држи функционален електричен воз, што врти крукчиња по таванот е смешна. Еден од моите браќа навистина имаше детална макета на воз, но таа беше во машката детска соба, во една преправена гаража на приземјето (можеби на тој воз се сеќава сестра ми?) Сега, кога и да ја слушнам Дилан со јавна изјава за тоа што наводно ѝ се случило тој ден кога едвај имала седум години, мислам само на измисленото вовче што никогаш не го спомна за време на истрагата или сослушувањата за старателство. Дали некој на возрасната Дилан ѝ предложил дека таков специфичен детаљ ќе ја направи приказната поуверлива? Или навистина верува дека се сеќава на возот како кружи околу таванот, на истиот начин како што се сеќава дека Вуди ѝ шепотел ветувања за патувања во Париз и ѕвезден статус (чудни ветувања како за седумгодишно дете, наместо нова играчка или кукла?)
И сето ова наводно се случило, додека сите ние што ветивме дека будно ќе го следиме Вуди, сме биле долу, наводно несвесни што ни се случувало над главите?
По некое време, мајка ми се врати со Кејси и најновите посвоени деца, Там и бебето Исаја. Немаше поплаки од дадилките и ништо чудно во однесувањето на Дилан. Всушност, Вуди и Миа отидоа на вечера таа вечер. По вечерата, се вратија во Фрог Холоу, Вуди преспа во една спална на приземјето, без никакво абнормално однесување од страна на Дилан и никакви негативни извештаи од возрасните.
Следното утро, Вуди уште беше во куќата. Пред да си оди, залутав во дневната и видов дека Дилан и Сачел седат со него на подот, со каталог со играчки и ги заокружуваа тие што ги сакаат. Беше весела, разиграна атмосфера - што наскоро ќе биде шокантна разлика од она што Миа рече дека се случувало само ден претходно. Многу години подоцна, му го спомнав ова сеќавање на Вуди и тој детално го паметеше - како им рекол да изберат по две играчки, но тие на крај ги заокружиле сите во каталогот. Се сети и дека го вратил во град со него, со намера да купи неколку од играчките. Ми рече дека со години го чувал тој каталог, без да насети дека веќе никогаш нема да ја види ќерка му.
Интересното беше што, дури откако Вуди се врати во градот, Миа доби телефонски повик што засекогаш ни ги промени животите. Беше од другарка ѝ Кејси, која ѝ кажа дека дадилката Алисон видела како Вуди наводно ја ставил главата во скут кај Дилан.
Кога Моника, нашата постара дадилка, која тој ден беше излезена дојде на работа наредниот ден, ѝ се доверив дека мислам дека таа приказна е измислена. Моника, која беше со нас шест години даде отказ неколку месеци подоцна, велејќи дека Миа ѝ вршела притисок да застане на нејзина страна и да ја поддржи во обвинувањата.
Токму Моника сведочеше подоцна дека ја видела Миа како ја снима Дилан додека опишува како Вуди наводно ја допирал на таванот, велејќи дека на Миа ѝ требале два-три дена да ја направи снимката. Во сведочењето вели, „Се сеќавам дека г-ца Фароу ѝ велеше на Дилан, Дилан, што направи тато?… И после како направи? Дилан изгледаше незаинтересирано, па г-ца Фароу ќе престанеше да ја снима некое време, па ќе продолжеше.“ Ова можам да го потврдам затоа што на дел од процесот и самиот сум сведок. Кога еден од терапевтите на Дилан, Д-р Ненси Шулц, ја критикуваше Миа за видеото и ја доведе под прашање содржината, Миа веднаш ја отпушти (мајка ми, на која лојалноста ѝ беше многу важна отпушти уште една долгогодишна помошничка, Мејвис, тврдејќи дека дава изјави против нејзе.)
За време на сослушувањето, мајка ми упорно истакнуваше како мора да се држиме заедно како семејство. Преплашен и измалтретиран, и јас си ја одиграв улогата. Дури и писмо напишав, осудувајќи го Вуди, велејќи дека направил нешто ужасно и непростливо и ми ги скршил соништата. Дури и прочитав писмо за медиумите што редовно беа собрани пред нашиот двор, знаејќи дека со тоа, мајка ми ќе ме одобри. Тоа јавно клеветење на татко ми ми останува најголемо каење во животот.
Подоцна истата година, се сеќавам на многу состаноци со адвокати и на една проценка на која бев во Њу Џерси. Јас сум природно срамежлив и бев тивок додека конечно не почувствував потреба да прозборам. На проценувачот му кажав дека се чувствувам заглавено меѓу двајцата родители. Потоа, се вратив во школо и мајка ми се јави, со врескање. „Дали знаеш што направи? Ми го уништи случајот! Сега ќе ѝ се јавиш на адвокатката и ќе ѝ кажеш дека ги повлекуваш изјавите и дека сакаш да се избришат од досието.“ Уште еднаш, по истата шема: Бев принуден да го следам сценариото на мајка ми за да ја докажам мојата лојалност.
Иако уште ни држеше предавања за „држење заедно како семејство“ на почетокот на прва година средно, мајка ми ме прати во интернат во Конектикат против моја волја. Јас се бунев и сакав да останам во Њујорк - не ѝ беше гајле. Мојата корисност во семејната драма се заврши, дадов изјава против татко ми, си ја одиграв улогата и ме испратија.
Цело ова време, се разбира, не знаев ништо за шестмесечната кривична истрага што ја изведуваше Клиниката за сексуална злоупотреба на деца при болницата Јејл/Њу Хејвен, што ја побарала њујоршката полиција. Но, бидејќи обвиненијата повторно се појавија пред некоја година, имав можност да ги видам резултатите од таа истрага.
Цврстиот заклучок е дека „Дилан не била злоупотребена од страна г-н Ален“, дека нејзините изјави имале „извежбан призвук“ и дека „најверојатно била обучувана или под влијание на нејзината мајка.“ Тие заклучоци совршено се совпаѓаат со моето искуство од детството - обучување, влијание и вежбање се трите збора што го сумираат начинот на кој мајка ми нѐ воспитуваше. Знам дека Дилан неодамна теоријата за перење на мозокот ја нарече „спин“ смислен од нашиот татко, но не беше ништо такво. Не беше само заклучокот од државната истрага, туку тоа беше реалноста во нашиот дом.
Тој извештај стави крај на било какви шанси за криминално гонење на мојот татко. Втора, 14-месечна истрага од страна на Њујоршкиот државен оддел за социјални служби стигна до истиот заклучок како и Јејл/Њу Хејвен: „Нема уверливи докази дека Дилан Фароу била злоупотребена или малтретирана.“ Како и да е, кога на суд ѝ одобрија старателство врз Сачел и Дилан на Миа, на 15 години јас ја избрав патеката на најмалиот отпор и исто така останав со мајка ми.
Кога имав дваесет и нешто години, откако завршив со магистратура, посакав да контактирам со Вуди и ѝ го кажав ова на Миа. Никогаш нема да заборавам колку бев среќен кога ми врати на мејлот и ми рече дека го подржува тоа и разбира дека ми треба татко. Таа среќа кратко траеше. Помалку од 24 часа подоцна, се предомисли и повторно ми пиша, дека ми забранува да контактирам со „тоа чудовиште.“
Неколку години подоцна се оттуѓив од мајка ми, но ми требаа години размислување, професионална помош и подршка од тие што ги сакав и ме сакаа мене - да ја сфатам жалната вистина за моето детство и што ми направи мајка ми мене и на моите браќа и сестри. Благодарен сум што се разбудив и ја сфатив вистината за она што ни се случувало, но разочаран сум што ми требаше толку време.
Во меѓувреме, татко ми се соочува со нови и нови бранови на нефер и неуморни напади од страна на мајка ми и нејзините поддржувачи, кои прашуваат зошто „му проаѓа“ толку години. Но на Вуди ништо „не му проаѓа“. Напротив. Тврдењата на Миа беа детално истражени од две различни агенции и никакви обвиненија не беа поднесени. Миа стигна до крајот на правната битка откако беше одлучено дека немало никакво малтретирање. Но, судот на медиумите просперира од недостатокот на долготрајна меморија, а Твитер не бара ни знаење ни воздржување.
За тие што се уверени во вината на татко ми, ве молам да размислите за ова: Во време на #MeToo, кога толку многу филмски великани се соочени со десетици обвиненија, татко ми е обвинет само еднаш, од страна на лута поранешна партнерка, за време на тешки преговори за старателство. Во 60-годишна јавна кариера, ниедна друга личност не излезе да го обвини макар и дека лошо се однесувал на дејт, или бил неприкладен во некоја професионална ситуација, а не пак да злоупотреби дете.
Како обучен професионалец, знам дека злоупотребата на деца е компулсивна болест и девијација што бара повторување. Дилан била сама со Вуди во неговиот стан безброј пати низ годините, без никаков знак за нешто неприкладно, а сепак, некој сака да верувате дека на возраст од 56 години, одеднаш решил да стане злоупотребувач на деца, во куќа полна непријателски настроени луѓе на кои им е наредено да не го испуштаат од вид.
За актерите што работеа со татко ми и јавно кажаа дека зажалиле за тоа: Избрзавте да се придружите на хорот од осудувања врз основа на дискредитирано обвинување, од страв да не не сте на „вистинската“ страна на едно големо социјално движење. Но, наместо да ја прифаќате хистеријата на Твитер толпите, кои безумно повторуваат сторија испитана и дискредитирана пред 25 години, ве молам слушнете што имам јас да кажам. Сепак, јас бев таму - внатре во куќата, внатре во собата - и ги познавам и татко ми и мајка ми и знам за што се и двајцата способни многу подобро од вас.
За сестра ми Дилан: Како и ти, и јас верувам во моќта на јавното излагање. Ја прекинувам тишината за злоупотребата што ја трпевме од мајка ни. Моето лечење почна само откако се тргнав од нејзе. А тоа што ти го има тебе направено е неподносливо. Ти посакувам мир и мудрост да разбереш дека да го посветиш животот за да ѝ помогнеш на нашата мајка да ја уништи репутацијата на нашиот татко нема да ти донесе ни затворање на кругот, ни мир што ќе трае.
И конечно, за мајка ми: Една работа што секогаш велеше дека ја цениш кај мене е што знам да слушам. Те слушав со години и твојата вистина ми беше над сите други вистини. Еднаш ми рече и дека „не е здраво да држиш лутина.“ А еве сме, 26 години подоцна. Претпоставувам дека следниот чекор ти е кампања да ме дискредитираш, затоа што сум го раскажал ова. Знам дека се подразбира. И тоа е товар што сум спремен да го прифатам.
Но, после толку време, што е многу - многу е. И јас и ти ја знаеме вистината. И време е оваа одмазда да заврши.