Зошто не го бива Тамблр без порно

Знаевме, знаеја сите, ама се мораше. И сега може и да се пропадне.

Во декември, извршниот директор на Тамблр, Џеф Донофрио објави дека популарната и крајно „безобразна” платформа ќе забрани било каква содржина за возрасни, вклучувајќи „фотографии, видеа, или гифови што содржат вистински човечки генеталии или женски брадавици.”

Знаете колку ги чини оваа одлука?

150 милиони посетители.

И тоа, сега за сега.

Не е ни неочекувана општата претпоставка дека сајтот што се рекламира како „место за изразување” може и да престане да постои - затоа што е крај на една ера.

Аналитиката покажува дека посетите на сајтот од 521 милион во декември, паднале на 369 милиони во февруари, што докажува дека забраната за порно навистина тешко им паднала на многу од корисниците. Ама кога веќе има толку многу бесплатно порно на интернет, како што кажа и самиот директор, зошто тогаш „крај на една ера”?

Ни вакви едноставни нема веќе.

Зајакот се крие во тоа што, пред safe mode-от да му стане дифолт, платформата беше еден безбеден простор за ЛГБТИ заедницата, каде што нештата како идентитет и чувство за себе можеа да бидат истражувани до небо, најчесто анонимно и уште почесто сликовито. Да, добро, и Редтјуб дава да се истражуваш себеси (и други луѓе), ама Тамблр функционираше на ниво на социјална мрежа, комбинирана со блогерај, каде што до 17-ти декември немаше никаква опасност да те закочат, сè додека не објавиш нешто што се коси со човекови права. Постоеше толку долго, што цели заедници и суб-култури што живеат на маргините го имаа како свое место за комуникација, без оној интимен срам дека само висат на порнографски сајт и ништо повеќе.

Поточно, како да им ја затвориле омилената кафана.

И сега, Тамблр пак сака да каже дека е безбеден за креативно изразување, ама ако ги прашаш тие (сега за сега) 150 милиони, излегува дека се случило токму спротивното.

Новата политика ја имплементираа откако Епл им ја повлече апликацијата, затоа што им залута детска порнографија.

А како изгледаше раатот порано?

Вака.

19 март 2019 - 01:26