Забава на Венити Фер или нискобуџетен лет до Хрватска?

Сјајот и гламурот на Холивуд одамна се избледени - автоматски и афтер-забавите не се тоа што беа.

Пишува: Петронела Вајат

Време е да се заврши со Оскарите. Која е поентата? Следната година е 100 години од основањето на МГМ, ама лавот одамна веќе не рика. Веќе нема филмски ѕвезди, како што Орсон Велс кажа еднаш во 1974:

„Не постојат. Порано највеличествено нешто на светот беше филмска ѕвезда, сега сите сакаат да бидат поп-пејачи. Има добри актери, ама не се ѕвезди.“

Оливија де Хавиленд, која ја сретнав во Париз пред да умре на 104 - пред три години се согласи со ова. Совршена дури и во 90-те, ќе отпиеше шампањ со мраз и ми раскажуваше приказни за Оскарите во 1947, годината кога доби награда за Најдобра актерка и ѝ го сврте грбот на нејзината омразена сестра Џоан Фонтејн на забавата што следуваше. Де Хавиленд потоа танцуваше со Џејмс Стјуарт во клубот Могамбо, каде што Ава Гарднер стоеше на сребрена школка како Милоска Венера, во организација на Хауард Хјуз.

Денес најпознатите во Холивуд нема да се најдат во Лувр, туку во некоја третокласна аукциска куќа. А што се однесува на забавата на Венити Фер, сум била еднаш. Ме потсети на еден лет со ИзиЏет до Хрватска, кога бев заглавена покрај женско друштво што не престануваше да се дере. Она што во Холивуд поминува како гламур денес не е ништо повеќе од одбивно блештење.

Споредете го ова со првите Оскари во 1929. Водителот беше Даглас Фербенкс, а церемонијата траеше 15 минути. Ама афтерот! Тие блескави, светкави тела!

Се собрале во хотелот Мејфер, во Лос Анџелес и било шик од ѕид до ѕид. Свирел големиот американски композитор Ирвинг Берлин. Чарли Чаплин, Џоан Крафорд, Гарбо, Глорија Свансон, Џон Баримор, Скот Фицџералд, Роберт Монтгомери и Клодет Колбер лебделе низ просториите, живнати од светло филтрирано преку филигрански панели.

Арт-деко маси блескале со свеќи и испотени кофи шампањско. По подовите имало брокатни перници поставени како езера од бои. Двајца високи Руси со црвени турбани отворале врати. Џоан Крафорд танцувала Чарлстон, а Чаплин го имитирал Мусолини. Во 3 сабајле, гостите отишле во забавен парк да се возат на колички за судирање полни со прериски остриги и кавијар на кристални послужавници.

Десет години подоцна, некој ја нарече оваа забава Remembrance of things pissed - Сеќавање на пијани времиња. Барем, за разлика од годинешниве Оскари, вредело да се памети.

20 март 2023 - 21:34