Врската меѓу патувањето и креативноста

Кога сме соочен со креативен блок, генералниот совет е да прошеташ, да повежбаш или да си легнеш малку. Заедничкото кај овие предлози: создавање дистанца и ментална пауза од задачата што е пред тебе. По таа логика, сериозно тргање на страна како на пример одење на одмор би било кафетинот на креативниот блок.

И според нови истражувања излегува дека е така, бидејќи резултатите укажуваат на тоа дека патувањето ја зголемува креативноста и способноста на умот да креира позитивни мисли, што води до посреќна и поинспирирана верзија од тебе.

Не дека богзнае какво истражување требаше да се заклучи дека одмор е ЗАКОН. Ама, за оние за кои што успешен работен ден се мери според реализирани, или барем средени идеи, заклучокот не е само „е, да де!“

Патувањето овозможува човек физички да се одвои од проблемот и да го согледа од поинаква перспектива; ако се качиш на авион и летнеш подалеку од дрвата – одеднаш можеш да ја видиш цела шума. Дури и самата помисла на дистанцата го отвора умот кон покреативно размислување. Во една студија изведена на универзитетот Индијана, на учесниците им рекле да решат неколку прашања. Групата на која што ѝ кажале дека прашањата се од Калифорнија, наместо „домашни“ (смислени во Индијана), покажала покреативно размислување при наоѓање на решенија и полесно ги решавала проблемите.

„Креативната работа ни дозволува да ги растегнеме менталните комфор-зони и да ја согледаме околината – и самите себе – од поинакви перспективи,“ објаснува Шели Х. Карсон, професорка по психологија на Харвард. „Ова нè отвара пред нови искуства и идеи. Кога сме креативни, нашите хоризонти се прошируваат и светот ни се отвара, слично како што ни се шири перспективата кога патуваме.“

И овие бенефити не важат само за до Охрид. Подолги и подалечни патувања оставаат траен впечаток на креативноста во животот генерално. Инспириран од случајни докази, базирани на анегдоти од уметници кои ги создале своите најдобри дела после патувања во странство (Владимир Набоков и „Лолита“, Ернест Хемингвеј и „Сонцето повторно изгрева“), професорот Адам Галински од Columbia Business School почнува да ја истражува поврзаноста. Во истажувањето кое е објавено од Американската психолошка асоцијација, Галински докажува дека луѓето кои живееле во странство имаат тенденција да бидат покреативни, и во колку повеќе земји си живеел, толку е повисок степенот на креативност. Ова е докажано како точно особено во модниот свет. Галински проучувал креативни директори на 270 врвни модни куќи низ светот и открил дека оние кои поминале значително време надвор од дома создале поиновативни и конзистентно креативни модни линии.

Зошто патувањето и поминувањето време во странство има толку драматичен ефект? „Патувањето те изложува на нови луѓе, често на нови култури, религии, јазици и обичаи и нови места,“ вели Карсон. Слично како кај Галински, работата на Карсон докажува дека оваа изложеност ја проширува перспективата на патувачот, што е директно поврзано со зголемена позитивност – идеалната состојба на умот за да се случува креативно размислување. Во основа, кога сме релаксирани и среќни, новите идеи полесно доаѓаат.

Карсон исто така укажува дека многу креативни луѓе кои често патуваат имаат поотворен карактер и лесно прифаќаат новитети. „Помотивирани се да истражуваат други култури и помалку судат за туѓите начини на живот. Самото патување ја прави личноста поотворена, па има тринасочна интеракција – патувањето те прави поотворен и покреативен, а отворена и креативна личност е помотивирана за патување и креативна работа.“

27 јули 2017 - 11:15