Детали за „Se7en“ што не сме ги знаеле

Дејвид Финчер мислел дека Морган Фримен ќе го одбие за улогата на Вилијам Сомерсет во Se7en од 1995, а Фримен (како и Павле за „Ко то тамо пева“) бил прв што воодушевено прифатил.

А од Њу Лајн Синема не биле баш сигурни дека ги сакаат заедно со Бред Пит, еден до друг, од страв да не асоцира на Lethal Weapon. Сценаристот го имал замислено Вилијам Хурт во улогата, а Роберт Дувал, Џин Хекман и Ал Пачино веќе ја имале одбиено.

Сценариото потоа претрпело промени за да се адаптира на специфичната актерска игра на Бред Пит и Морган Фримен. Милс го направиле како со логореа, а на Сомерсет му смалиле на дијалог и го направиле попрецизен и подиректен.

Ако не сте го гледале Se7en, а сакате, тогаш тука да се поздравиме, еве и ќе се потсетиме дека на Морган Фримен му беше роденден пред четири дена.

А ако сте го гледале…

Крајот на филмот постојано бил под прашање, го оспорувале и креаторите и продукцијата. Финчер сакал да ја запрепасти публиката и сакал Милс да го убие До (Кевин Спејси) и да го стемни екранот како крај, но извршните продуценти сметале дека ова ќе ја оттуѓи публиката. Финчер на вработените на една тест-проекција им дал инструкции да не ги палат светлата и откако ќе заврши филмот (така, со црн екран) за да можат да го впијат крајот, но не го послушале. После проекцијата, една гледачка поминала покрај Финчер и рекла: „Луѓето што го направиле филмов треба да бидат убиени“.

Според Финчер, на публиката ѝ кажале само дека ќе гледаат филм со Пит и Фримен, и двајцата тогаш познати по многу поинакви филмови од Se7en. Продуцентите сакале мејнстрим крај, каде што Милс и Сомерсет ќе го бркаат До и ќе ја најдат киднапираната Трејси која би преживеала на крај. Според Бред Пит, студиото барало и похеројски крај, каде што Милс не го убива До, а во кутијата е глава на едно од неговите кучиња. На Морган Фримен повеќе му се допаѓал крај каде што Сомерсет го убива Милс, за тој да не го убие До, но Бред Пит се држел за сегашниот крај, а и тест-публиката повеќе сакала така. И Финчер и Пит одбивале компромис со студиото што барало да се замени сцената со главата во кутијата, но се помириле со подолг епилог каде што Милс го Апсат, а Сомерсет завршува со нарација и нуди малку оптимизам.

Време е за реприза.

5 јуни 2024 - 14:25