Заканата е директно од Путин и доаѓа во пакет со повторувањето дека Москва е подготвена да користи нуклеарно оружје доколку смета дека има опасност за нејзиниот суверенитет.
Путин смета дека неодамнешните одлуки на Западот дополнително ја поткопуваат националната безбедност и би можеле да доведат до „многу сериозни проблеми“.
„Тоа ќе го означи нивното вмешување во војната против руската федерација, и ние го задржуваме правото да делуваме на ист начин,“ порачал рускиот претседател.
До сега Британија, Германија и САД дозволија нивното оружје со голем домет донирано на Украина да биде користено за гаѓање на мети на руска територија.
Путин тврди дека користењето на понапредните западни системи вклучува и воен персонал од западните држави кои ги контролираат ракетите и избираат мети, па затоа Москва би можела да преземе „асиметрични“ мерки во други делови на светот.
„Ако тие размислуваат со такви оружја да влезат во воената зона и да започнат удари на нашата територија и да ни создадат проблеми, тогаш зошто ние немаме право да обезбедиме оружје од ист тип во некои делови од светот каде би можеле да бидат искористени за лансирање напади на чувствителни мети во држави кои и го прават тоа на Русија?“ прашал Путин.
Тој порачал дека Западот некако верува дека Русија никогаш нема да го употреби своето нуклеарно оружје, за потоа да посочи на безбедносната доктрина на Москва:
„Гледајте што пишува тука. Ако нечии акции се закана за нашиот суверенитет и територијален интегритет, ние сметаме дека е возможно да ги искористиме сите средства со кои располагаме.“