Минатата недела добив мејл од директорот на школото каде што учат моите деца, околу деталите за отварање на школите во Њујорк есенва. Пораката објаснува дека градскиот Оддел за образование препорачува секој ученик да има 6 метри простор за себе во училница и нема на сите да им биде дозволено да бидат во зградата одеднаш. Што значи дека моите деца физизчки ќе можат да одат во школо една недела од три.
Истовремено, многу возрасни, барем тие среќните што си ги задржаа работните места - треба да се вратат на работа кога ќе се почне со отворање. Она што ме збунува е што овие две работи се планираат без да се земат предвид родителите што работат и што ќе бидат сомелени кога овие два запчаника ќе се спојат.
Ај да го кажам тивкиот дел гласно:
Во Ковид-19 економија, дозволено ти е да имаш или само дете, ИЛИ само работа.
Зошто никој не зборува за ова? Зошто не врескаат луѓе што ниедна политика не се имплементира без да се мисли на луѓето што истата ќе ги закопа? Зошто јас, како блогер за храна, позната по хитови како тортата со наслов „Сакам чоколадна торта“ да морам да вклучам аларм за ова? Мислам дека е затоа што, кога му изигруваш школо на детето по дома и не работиш нешто за кое добиваш пари додека не дојде 2 по полноќ и ова вака 106 дена по ред (не дека бројам, де), мозокот ти е премногу испржен за паметно да го насочиш бесот. Со месеци си мрчам за ова, во групни пораки, во тајни Фејсбук групи за мајки, на маскирани средби со луѓе на улица. Се прашуваме меѓу себе зошто не се буниме повеќе. Консензусот е дека сите знаат каква катастрофа е ова, но премногу се истоштени за да кренат глас (а да не е само кенкање), а не па да го кажат на мегафон. Секој еден признава прегорување, очај, чувство дека губи памет и сигурност дека нема шанси да се постигне.
Треба да е очигледен услов за „враќање во нормала“ семејствата исто така да можат да се вратат во нормала. Но кога ќе го кажеш ова, разговорот се наоблачува со ирелевантни расправии што веднаш те ставаат на црна листа за дебата.
Реакцијата е „Што раѓаш ако не можеш да ги чуваш“ е комична, но многу често се среќава, па човек се прашува дали можеби треба да се едуцираат децата навечер. Или ќе те прашаат, „зошто не уживаш во времето што ти е дадено со децата“, а тоа е ретрограден став дека можеби еден од родителите (а на мајката мислат) не треба да работи, дека тоа е лошо за децата, дека е себично да сакаш финансиски придобивки.
Сум разговарала со родители кои имаат среќа да им помогне дедо или баба, или можат да си дозволат дадилка со полно работно време, или приватен тутор за децата откако нема школо. Фино звучи тоа, но апсурдно е да носиш одлуки врз основа на овие податоци. Ако имаш привилегија да не работиш, уживај. Ама немој да го користиш тоа за да ги закачаш другите, затоа што многу поголем број на луѓе се принудени да не работат, не одлучуваат за тоа и може и никогаш да не се вратат на работа. Ме нервираат текстови за родители што работат, каде што тоа се гледа како емотивен проблем. Не сме прегорени затоа што животот е тежок годинава. Прегорени сме затоа што сме фатени меѓу тркалата на економијата која ги направи родителите што работат - неважни.
Моето семејство како социјална и економска единка не може да оперира засекогаш во рамката која властите ја предвидуваат од есен. Има многу начини на кои ова е невозможно, а сме присилени да го прифатиме кога бизнисите ќе се вратат во форма, без никаква дискусија за семејствата со деца-ученици.
И нема сомнеж дека одново отворање на школите е колосален подвиг. Нема лесни решенија за наоѓање доволно простор за учениците социјално да се дистанцираат, да бидеш сигурен дека наставниците и вработените се заштитени, да додадеш повеќе мијалници и хигиеничари и да имплементираш масовни проверки на температура, тестирање и следење контакти.
Но, после скоро четири месеци откако почнаа со затворање - четири месеци работење нонстоп, со неверојатни нивоа на стрес, додека децата одат на играње со други деца, или на лулашки или други стимуланси кои им се потребни - повеќето родители се шокирани што државните власти не нудат ни креативни ни изводливи решенија.
За родители што едноставно не можат да се снајдат, ваквиот одговор личи повеќе на дистописки роман каде што само богатите можат да се дистанцираат и да ја преживеат пандемијата непипнати. Да се отворат работни места, додека школите, камповите и градинките се затворени, на една генерација вработени родители им кажува дека е во ред да ја изгубат работата, осигурувањето и заработувачката во тој процес. Нечуено е, и се плашам дека ако не сме доволно гласни, ќе нѐ избришат од економијата.