Доаѓа од страшна сиромаштија. Родена е како Мари-Клементин Валадон во 1865, во село во руралното срце на Франција. Мајка ѝ, Мадлен, била вдовица која веќе имала една ќерка. И покрај селските трачеви, Мадлен одбивала да го каже името на таткото на Валадон, и се мачела да ги израсне двете девојчиња сама, додека во 1870 не одлучила да се пресели во Париз за да побара поубави можности.
Тајмингот не можел да биде полош - во јули таа година, Франција ѝ објавува војна на Прусија, а до септември, Прусите го опкружуваат градот и ги изгладнуваат Французите за да се предадат. После месец дена без ништо, парижаните почнуваат да јадат кучиња, мачки стаорци и на крај и животните во зоолошката градина. Во средината на овој хаос, семејството Валадон си наоѓа дом во Монмартр.
Како дете, Валадон ја имаат избркано од школо затоа што била непослушна, па на 11 години почнала да работи ситни работи. Била шнајдерка, миела садови, продавала овошје и зеленчук и правела венци за погреби. На 15 наоѓа работа во Сирк Молиер, приватен циркуз со аристократи изведувачи што бил главна мода во Париз тоа време. Шест месеци Валадон стоела на галопирачки коњи и балансирала на јаже. И во еден момент, кога вежбала рутина за трапез паднала и сериозно си го повредила грбот.
Не можејќи да се врати на работа поради ова, почнала да работи како модел за уметници. Легендата е дека мајка ѝ ја пратила да достави кошница со испрани алишта и му се бендисала на Пјер Пуви де Шаван, кој барал некој да му позира за неговите алегориски слики. Се нарекла себеси Марија и наскоро станала баран модел, позирајќи за сите побитни уметници што се роеле на Монмартр.
Од Пуви де Шаван и неговите алегории, стигнала до Густав Вертхајмер и неговиот „Бакнеж на сирената“, па до Жан Луј Форан и неговите цртежи. И конечно, станала редовен модел за Пјер Огист Реноар.
Само што почнала да работи за Реноар во 1883, Валадон забременила. По стапките на мајка ѝ, одбила да го каже името на таткото - озборувањата се движеле од Пуви де Шаван, Реноар, или шпанскиот импресионист Мигел Утрило, или можеби некој сметководител со име Адријан Буиси, кој е можно и да ја силувал. Валадон само ги кревала рамениците.
„Никогаш не можев да одлучам.“
Синот ѝ се раѓа во декември и го нарекува Морис. Наскоро, потоа се враќа во ателјеата и го остава Морис на чување кај мајка ѝ.
Валадон се запознава со Анри Тулуз-Лотрек во 1887. Тулуз-Лотрек, инаку дел од најблагородните семејства во Франција, страда од мистериозен инвалидитет кој е веројатно резултат на брак и односи меѓу роднини. Иако горното торзо му е како на возрасен маж, нозете престануваат да му растат откако ги скршил и двата колкови на 14-годишна возраст. Чудно се движел кон ридот на Монмартр со бастун и се мачел со фацијалните деформитети. И покрај ова - а можеби и баш поради ова - бил полн со живот, непоправлив bon vivant, упорен да го искуси целиот светкав ноќен живот на Париз. Валадон станала неофицијална хостеса на неговите раздрагани вечерни забави и токму од него го добила нејзиното уметничко име. Ја крстил Сузан, по библиската приказна за Сузана и старешините, затоа што често позирала за постари мажи.
Валадон отсекогаш цртала, но немала начин да стигне до часови, па скиците ги чувала за себе. Откако се родил син ѝ, сепак, почнала својата уметност да ја сфаќа посериозно. Тулуз-Лотрек е еден од првите што ја пофалил нејзината работа. Купил неколку нејзини цртежи и ги закачил во ателјето, воодушевено раскажувајќи за нив кога запрепастени посетители ќе дознаеле дека се направени од самоука жена.
До 1890, Валадон наоѓа уметнички ментор во Едгар Дега, кој е импресиониран од нејзината вештина за цртање со линии и нејзините дела им ги покажува на колекционери и предлага да се пријави во Салон де ла Сосиете Национал де Боз Арт, најпрестижната сала за изложби во Париз. Нечуено било за Сосиете да ги прикажува делата на необучена жена од ниската класа, но со комбинираните препораки на Дега и скулпторот Пол-Албер Бартоломе, пет нејзини цртежи биле прифатени.
Во меѓувреме, Валадон се мачела да балансира меѓу нејзината растечка уметничка кариера, бурниот љубовен живот и одговорностите како мајка. До петтиот роденден на Морис, веќе било јасно дека нешто не е во ред со него. Обично бил замислен и срамежлив, но на моменти необјасниво збеснувал и фрлал предмети низ собата. Валадон се загрижила дека му е потребна татковска фигура, па се обратила кај Мигел Утрило, кој се согласил на Морис да му го даде неговото презиме и правно да го признае како син. Валадон сепак продолжила да биде самохрана мајка, а Утрило многу малку придонесувал кон воспитувањето на Морис.
Токму Утрило ја запознал Валадон со ексцентричниот Ерик Сати, чии експериментални композиции биле предизвик за музичкиот свет. Летале искри за многу кратко време и наскоро Валадон и Сати влеуваат во интензивна врска - наводно Сати ја запросил уште првата заедничка вечер. Валадон одбила и се пошегувала дека свештеник во 3 сабајле нема да најдат, но сепак се вселиле заедно. Тој ѝ позирал за нејзината прва слика во маслени бои, а за возврат, таа инспирирала неколку откачени музички композиции. Но, бидејќи Сати бил захтевен и посесивен, Валадон почнала да се гуши во врската. Го напуштила и тој никогаш не излегол со друга жена во животот.
Валадон го заборавала Сати во рацете на Пол Муси, богат бизнисмен. Тој ѝ овозможил ателје и го земал целото нејзино семејство под закрила. Прв пат во животот, Валадон имала прилика да ужива во живот од горната средна класа. Муси ја убедил да се преселат во Пјерфит, предградие на 20 минути од Гар ду Нор, па патувајќи од нејзината убава куќа со градина кон ателјето на Монмартр, Валадон била во буржоаски рај. Во 1895 се омажила за Муси.
Проблемот бил што нејзиниот син Морис бил мизерен во предградието и тоа го покажувал на необични начини. До петнаестгодишна возраст, толку редовно се анестезирал со алкохол што станал тежок алкохоличар. Муси пробал да помогне со тоа што му наоѓал работа, но Морис бил неспособен да ја задржи. Конечно, станал толку насилен, што Валадон се согласила да го затворат во болница. Откако го пуштиле, еден од лекарите предложил Валадон да го научи да слика. Морис се покажал како способен ученик, со стил сосема различен од мајка му. Подоцна ќе стане и познат по неговите соновски улични сцени од Монмартр.
Комбинацијата од сликарство и алкохолизам на Морис ќе го донесе крајот на буржоаскиот период на Валадон. Бил излезен низ некакви полиња еден ден и бил толку пијан што едвај можел да оди. Случајно се нашол друг сликар таму, се викал Андре Утер и станал еден од ретките пријатели на Морис кога му помогнал да стигне до дома. Наскоро, ѝ станува и љубовник на Сузан, иако меѓу нив имало 20-годишна разлика и бил 3 години помлад од нејзиниот син. Валадон го напуштила Муси и се преселила назад на Монмартр, па заживеала со Утер, Морис и мајка ѝ во ист дом. Ги сликала сите четворица заедно - невообичаено семејство со жена во центарот на домаќинството.
За време на животот во предградијата, Валадон едвај да создала некакви дела, а сега потонала во сликање. Утер позирал гол за нејзината скандалозна Адам и Ева, каде што и двајцата посегнуваат по јаболкото. Сликата била толку шокантна, што подоцна ја принудиле да додаде лист од смоква да ги покрие гениталиите на Адам (не и на Ева), за да може јавно да ја изложи. Утер не бил ни единствениот гол маж што го насликала - нејзината слика „Фрлање мрежа“ од 1914 претставува три голи мажи во природна големина, која ги превртува традиционалните родови улоги со Валадон како воајер и нив тројца како објекти на страст.
Андре Утер се пријавува да учествува во Прва светска војна и се земаат пред да замине на фронтот. Го рануваат во 1917 и Валадон се сели во Белви-сур-Сон, каде што тој се опоравува. Таа година, престижната париска галерија Галери Бернхајм-Жон изложува дела на Валадон, синот Морис и сопругот Андре. По војната, кога се зголемува продажбата на нивните слики, галеријата им нуди на Валадон и Морис годишна исплата од милион франци за сите нивни идни слики.
Оваа огромна сума ѝ дозволува на Валадон да ужива во ексцентричности. Еден ден, сите комшиски деца ги однела во циркуз. Друг ден, фрлала банкноти од по 100 франци низ прозорецот, за луѓето да ги собираат. Била озлогласена по тоа што чувала коза во нејзиното ателје на Монмартр и ја хранела со цртежите што не ѝ се допаѓале.
Продолжила да создава храбри дела што ги прикажувале жените како агенти на сопствената судбина. Во една од нејзините најпопуларни слики, Сината соба, една жена одмора на кревет, контра на „Олимпија“ на Едуар Мане. Наместо сексуална достапност и желба, совршено е задоволна сама со себе. Облечена е во пижами на риги, со цигара што ѝ виси од устата и не се занимава со мислењето на другите. Наместо слугинка да ѝ носи цвеќе, има книги во еден агол.
На 67 години се насликала себеси облечена само во ланче, како со измешани емоции гледа во ефектите на стареењето. „Не можам да му ласкам на субјектот,“ има кажано еднаш. Оваа непоколеблива искреност ја прави толку уникатна.
Иако животот ја направил модел на Реноар, мајка на Морис, другарче за пиење на Тулуз-Лотрек и љубовница на Ерик Сати, таа сама стои исправена и треба да се слави како визионер-уметник со блескава улога во историјата.