Смее ли Хелен Мирен да ја игра Голда Меир?

„А Евреин смее да глуми лик што не е Евреин?“ Со ова, Хелен Мирен како да го замолчи делот од светот што реши да го доведува во прашање нејзиниот ангажман за насловната улога во филмот за Голда Меир.

Пред некое време пишувавме дека Хелен Мирен ќе ја глуми Голда Меир, израелската „челична дама“, и уште од тогаш се радувавме на изведбата. Во меѓувреме, Хелен Мирен се соочи со проблеми и осуда, затоа што веќе се научивме дека во денешно време е проблем да играш лик со потекло што не е твоето. Тогаш, британската актерка Морин Липман го нарече кастингот „Jewface“, затоа што според нејзе „еврејството на Голда Меир е интегрален дел од нејзе“.

„Хелен ќе биде супер. Добра актерка, секси и интелигентна. Сè е на место. Моето мислење, и само тоа е, едно мислење, е дека ако расата на ликот, или полот, го води или го дефинира портретирањето тогаш точниот - со еден општ термин - етникум треба да биде приоритет.“

Режисерот на филмот е Евреин од Израел, Гај Натив, а Хелен Мирен има руско и англиско потекло, но не и еврејско.

Во меѓувреме, внукот на Голда, Шаул Рахаби го одбрани кастингот и рече „дали е Еврејка или не нема врска“ и дека е сигурен дека Хелен ќе биде одлична.

Сега Хелен Мирен одговара на контроверзите - и самата имала сомнежи за прифаќање на улогата.

„Секако дека се наметна и тоа прашање пред да прифатам. Реков, види, Гај, не сум Еврејка и ако сакаш да размислиш за тоа и ако одлучиш да одиш во поинаков правец, не се лутам. Апсолутно ќе разберам. Но тој навистина сакаше јас да ја играм улогата и тргнавме.“

Додава и дека мора да се води и тој разговор и апсолутно е легитимен, но и дека тоа наметнува други тешки прашања за тоа кои улоги еден актер смее да ги прифати.

„Знаете, ако некој што не е Евреин не смее да игра Евреи, дали некој што е Евреин ќе игра некој што не е Евреин? Ако има актер со инвалидитет, кој е брилијантен, но имал многу малку шанси, а сега доаѓа прекрасна улога за актер со инвалидитет, ако сè е праведно, тој или таа треба да ја добие улогата.“

Единствениот страв ѝ е дали воопшто ќе ја бива за Голда.

Еве, видете само од фотографија:

„Се плашам само да не сум ужасна како Голда. Ако биде така, завршено е со мене.“

9 февруари 2022 - 23:39