Објавата дека Израелката Гал Гадот ќе ја глуми Клеопатра во филм што допрва треба да го видиме, ги испрепада освестените Твитерати. Холивуд пак си доби обвинувања дека „избелува“ антички цивилизации и погрешно претставува малцински групи. Наводно, „белината“ на Гадот и нејзиното расно потекло не се вклопуваат во улогата. Некои твитачи рекоа дека Клеопатра има африканско потекло, други дека е Египќанка. Во секој случај, ова им значеше дека треба да се ангажира некој со потемна кожа.
Американскиот автор Морган Џенкинс пиша: „Би сакал да видам Клеопатра со кожа потемна од хартиена кеса, затоа што тоа ми се чини историски поточно.“ Филмската критичарка Хана Флинт напиша во Гардијан дека да се избере Гадот е чекор назад, и тоа таков што „перпетуира бел стандард за странците“. Ваквите гледишта не само што се ретроградни и атавистички - истовремено се и симптоматични за политики на идентитет што промовираат расно размислување и ја поткопуваат борбата против расна дискриминација.
А реалноста е дека Клеопатра постоела долго пред да се измисли концептот на раса. Нејзината фигура е над тој концепт. И иако, како и секое човечко суштество, припаѓала на етничка група, не била ни бела, ни црна, а богами ни кафеава.
Терминот „раса“ е измислен и рационализиран во 17 век. Но, Клеопатра е родена околу 69 година п.н.е. и умрела во 30 п.н.е. Нема шанси да можела да разбира на која раса ѝ припаѓа и било кој сличен концепт. Понатаму, немало ни камери, ни фотографии кои би можеле да ни ја доловат бојата на нејзината кожа со денешна прецизност. Едноставно, невозможно е да се категоризира нејзината раса и точка.
Она што се знае за Клеопатра е дека била жена со корени во Македонија, Грција и можеби Персија и дека била дел од Птоломејската династија која владеела со Птоломејското кралство во Египет. А корените може и да ѝ се пошироки од ова - нема да дознаеме.
Тврдењата дека изборот на Холивуд за Гадот избелува антички цивилизации се историски неписмени. Рефлектираат тенденција да се припише раса - со акцент на црна, бела и кафеава кожа - на секој феномен како да е ова природна реалност. А ако ја тргнеме расата настрана, Клеопатра не припаѓа ни на современите националности. Современата египетска нација едвај има некаква врска со Птоломејски Египет, кој е составен од неколку различни територии, меѓу кои и Антички Египет, Магреб, Либија, Кипар и Македонија. Да се каже дека актерка што ја игра Клеопатра треба да биде Египќанка ги исклучува сите тие луѓе кои ги владеела Птоломејската династија.
И некои од оние што ја бранат Гадот ја прават истата грешка. Многумина од фановите објаснуваат дека бидејќи Клеопатра била Гркинка или Македонка, тонот на кожата е погоден.
Уште побизарни се тврдењата дека Кенијката Лупита Нјонго треба да ја игра Клеопатра, заради африканското потекло. Генетски гледано, ова се глупости. Имајќи ги предвид најновите научни откритија, Елизабет Колберт расправа дека сите луѓе се генетски поврзани. Современиот хомо сапиенс може да го трасира своето потекло до Африка, односно: „Сите денешни не-африканци, според генетиката, потекнуваат од неколку илјади луѓе кои ја напуштиле Африка пред можеби 60.000 години.“ Тоа што има повеќе генетски диверзитет во Африка отколку во остатокот од светот треба да нѐ потсети дека бојата на кожата кажува многу малку за човечките суштества.
Како талентирана актерка, приказните што Гадот ќе ги раскаже преку ликот на Клеопатра нема да бидат национални или расни приказни, туку човечки приказни за нашето заедничко човечко минато. Клеопатра е над расите: не припаѓа на ниедна модерна расна, национална или малцинска група. И со фокусирање на потеклото на човекот што ја игра улогата, наместо на содржината на филмот, или талентот на уметникот, освестените активисти сакаат да им судиме на луѓето според раса, наместо според способности.
Ова не значи дека не треба да се подобри претставувањето на малцинствата во Холивуд. Но, можеме да расправаме на темата без да се вадиме на лажни идеи за наводни расни карактеристики на стари народи и цивилизации. Нема потреба да истакнуваме расни разлики за да подобруваме црни, бели и кафеави животи.
Наместо тоа, треба да работиме на надминување на расата како концепт.