
Ако прашате една жена во средните години како го доживува периодот на менопауза, веројатно ќе почека пред да одговори. Не затоа што не знае, туку затоа што не знае од каде да почне.
Менопаузата денес изгледа погласна, потешка, понапорна, понемилосрдна и многу поисцрпувачка отколку за претходните генерации. Кај хормоните и начинот на кој подивуваат нема промена. Светот е променет.
Мојот сопствен пат низ менопаузата беше вистински пекол, пишува авторката Лин Валдер за Елефант Журнал. Мајка ми со задоволство ми раскажува дека таа „лесно поминала низ менопаузата“ и дека „дури и не ја забележала“, како нејзината леснотија да е некаков орден за чест, а мојата тешка менопауза да значи дека сум слаба, дека драматизирам или дека „не знам правилно да се справам“.
Но, постојат огромни разлики меѓу нејзиниот живот тогаш и мојот живот денес.
Таа никогаш не работеше, семејството ѝ беше во близина, немаше финансиски грижи, а кога влезе во менопауза, сестра ми и јас веќе го имавме напуштено домот. Нејзиното време и нејзината енергија беа целосно нејзини. Имаше многу малку обврски и притисоци. Имаше и луксуз да легне попладне и да дремне ако се почувствува уморно.
Додека растев, таа исто така беше прилично „ненаметлив“ родител, што значеше дека имаше повеќе време за себе. Нејзините резерви на енергија беа полни кога дојде моментот да почне да ги троши.
Пред педесет години, повеќето жени не се обидуваа истовремено да градат кариера со полно работно време и да водат домаќинство. Во нивното секојдневие немаше секојдневно патување до работа, проценки на учинок, преполни инбокси, канцелариска политика или притисок постојано да бидат „подобри верзии од себе“.
Денешната жена често носи непрекинат товар: гради кариера, ја докажува својата вредност, се обидува да остане конкурентна, а истовремено се грижи за домот и семејството. Практично работи две работи со полно работно време - платената и неплатената, дома. Што значи, менопаузата не доаѓа во одморено тело - доаѓа во тело кое веќе е „расчепатено“ до максимум. Жената влегува во оваа животна транзиција од позиција на исцрпеност, а не одмор.
А уште не сме ни почнале со мајчинството.
Пред една генерација, децата играа надвор до самрак додека соседите неформално внимаваа на нив. Поширокото семејство често живееше во близина и можеше да помогне кога животот ќе станеше премногу тежок. Постоеше цела заедница околу семејството.
Денес, мајчинството често подразбира емоционална будност 24 часа на ден: сајбер-булинг, анксиозност поврзана со социјалните мрежи, безбедност на интернет и надвор од него, училишни и врснички притисоци, грижа за менталното здравје, постојано возење од една до друга активност и премногу воншколски активности. Денешната мајка постојано е во состојба на будност и висока готовност. Многу жени минуваат низ менопауза додека истовремено се справуваат со емоциите на деца во пубертет и тинејџери - судир на хормони на двете страни од домот.
Жените исто така подоцна во животот стануваат мајки. Тоа значи дека една жена во менопауза денес може истовремено да се справува со нарушен сон и промени во расположението, додека организира заедничко возење на децата, преспивања кај другарчиња, проверува домашни задачи и бива емоционална поддршка на деца во фаза на раст и развој.
Не зборуваме за заморно. Зборуваме за исцрпувачко до најдлабоки нивоа.

Дури и во врски во кои обврските се порамноправно распределени, истражувањата и понатаму покажуваат дека жените го носат најголемиот дел од емоционалниот труд и менталниот товар. Смирување, помнење, планирање, организирање, следење на непрестајниот прилив на мејлови од школо, дополнување на средствата за ужинка, паметење дека има „ден на книгата“ кога децата треба да бидат маскирани, роденденски подароци, закажување стоматолог, училишни екскурзии...
И списокот нема крај.
Пред педесет години, родителството беше многу поненаметливо: „нека плаче“, „сами ќе се снајдат“, „не им попуштај“, „децата треба да се гледаат, а не да се слушаат“ - тоа беа вообичаени ставови. Од денешните мајки се очекува постојано да бидат внимателни за потребите на децата, емоционално достапни и свесни во секој момент од нивното воспитување.
А тука е и животот во современиот свет.
Тој стана погласен, побрз, многу позахтевен и постојано „вклучен“. Со смартфони и поврзаност 24 часа дневно, жените речиси никогаш навистина не се исклучуваат. Секогаш постои уште една порака на која треба да се одговори, уште една задача што треба да се следи, уште една криза со која треба да се справиме.
Социјалните мрежи можат да ги турнат мајките во постојано споредување со другите. Гледаат внимателно избрани фотографии и објави поради кои другите мајки им изгледаат совршено фит, организирано и како без напор да уживаат во животот. Така се создава лажна претстава за совршенство - мајчинството станува натпревар, а оние што се исцрпени или се борат со секојдневието можат да се почувствуваат недоволно добри, невидливи и уште пооптоварени.
Зголемените трошоци за живот, глобалната неизвесност, непрестајниот циклус на вести и хемикалиите што можат да влијаат врз хормоните, а се присутни во храната, околината и козметичките производи, додаваат нови слоеви на стрес со кои телото во менопауза мора да се справува.
Кога жените велат дека менопаузата денес им изгледа потешка, им треба да им веруваме.
Жените влегуваат во оваа транзиција поистрошени, под поголем стрес, поанксиозни и пооптоварени од претходните генерации. Минуваат низ длабока биолошка промена во свет кој им нуди помалку одмор, помалку поддршка и помалку моменти во кои можат едноставно да застанат.
Носат повеќе отколку што едно човечко тело може бесконечно да поднесува.

Решението не е да им кажеме да „бидат посилни“. Решението е да признаеме дека современите жени заслужуваат повеќе разбирање и сочувство, повеќе поддршка од заедницата и повеќе простор да здивнат додека минуваат низ оваа транзиција.
Менопаузата не е крајот на виталноста. Може да биде покана конечно да го спуштиме товарот што никогаш не требало да го носиме сами.