Младите се вљубуваат во аналогна фотографија

Аналогниот филм, кој пред неколку децении изгледаше дека е на пат да исчезне, повторно се враќа. Иронијата е што зад неговото оживување не стојат луѓето што пораснаа со него, туку генерацијата З - млади луѓе што скоро од бебиња се на смартфон.

Аналогната фотографија долго време беше технологија од минатото. Дигиталните фотоапарати речиси целосно го презедоа пазарот, а филмските камери и темните комори станаа специјализирано хоби. За повеќето луѓе, за млади па особено, карактеристичниот изглед на „ретро“ фотографија преживеа главно како дигитален филтер.

Последниве години, сепак, интересот повторно расте. Според податоци наведени во истражувањата за пазарот на филмска фотографија, во 2025 година околу 35 отсто од активните корисници на ретро фотоапарати биле на возраст од 18 до 30 години. Пребарувањата за аналогна фотографија во 2024 година пораснале за 41 отсто, а продажбата на фотоапарати за еднократна употреба исто така бележи раст.

Причината веројатно не е носталгија, затоа што е тешко е да бидеш носталгичен по нешто што никогаш не си го користел. За младите, привлечноста е токму во она што дигиталната фотографија го отстрани: процесот.

Кога фотографираш со филм, немаш бесконечен број обиди. Ролната има ограничен број кадри, па секоја фотографија бара малку повеќе размислување. Не можеш веднаш да ја видиш снимката, да ја избришеш и да направиш уште десет. Фотографираш и чекаш. Потоа фотографијата повторно станува физички предмет. Младите фотографи денес повторно печатат фотографии, прават албуми, ги закачуваат на ѕидови и си испраќаат разгледници и писма. Тоа е спротивно на начинот на кој повеќето фотографии денес постојат - како илјадници дигитални датотеки што никогаш нема да бидат отпечатени.

Во оваа смисла, враќањето на филмот е дел од поширок интерес на генерацијата З за физички медиуми. Винили повторно се продаваат во големи количини, а се враќа интересот дури и за ВХС, ДВД и други формати што до неодамна изгледаа целосно надминати.

Но привлечноста не е само во предметите - аналогната фотографија, како и сродните „старовремски“ интересности создава и заедници. Во април 2026 година, во Лос Анџелес се одржа првиот AnalogCon, фестивал посветен на аналогната фотографија, со изложби, предавања, демонстрации и фотографски тури. Тоа се вклопува во идејата за таканаречените „трети места“ - простори надвор од домот и работата каде што луѓето се среќаваат и се поврзуваат преку заеднички интереси. Во денешно време голем дел од социјалниот живот се одвива преку екран - затоа и фотографски клуб, продавница за филмови или работилница можат да понудат нешто на кое онлајн платформите можат вода да му носат: физичко присуство и споделено искуство.

Дигиталната фотографија е брза, евтина и практична. Аналогната е речиси спротивното. Потребни се филм, апарат, развивање и време.

Затоа ги воодушевува. Филмот го забавува процесот, не нуди бесконечни обиди, бара чекори, внимание, нема моментална реакција или алгоритам што одредува што ќе видите следно.

И, ако. На сите глупости што денес светот ги измислува, со ова баш би можеле да живееме.

25 септември 2026 - 00:00