Да напишеш есеј како казна за силување?

Студентка од Корнел тужи неколку поранешни колеги студенти за групно силување, а го тужи и факултетот што не се справил со ситуацијата соодветно - двајца избркале, другите морале да напишат есеј. Како бре, есеј?

Поранешна студентка која во судските документи е анонимна, на 16 септември поднела тужба пред суд во Њујорк, против универзитетот Корнел и седум членови на студентско братство, со обвинение дека ја силувале во октомври 2024 година. Според нејзините наводи, таа била дрогирана и сексуално нападната во куќата на братството во Итака од страна на седум негови членови.

Имала 20 години во времето на инцидентот и според тужбата, вечерта на 19 октомври 2024 година пиела во своето сестринство, а потоа и во ноќен клуб, по што сама отишла во куќата на братството за да посети пријател, објави WBNG.

Таа тврди дека таму двајца членови на братството ѝ дале дрога, по што сексуално ја нападнале, а во тужбата се наведува дека еден од мажите потоа испратил порака во групен разговор на „Снепчет“ во која наводно напишал дека „горе има free pussy“.

По таа порака, во наводниот напад учествувале и други членови на братството, а насилството продолжило до околу 5:45 часот наутро. Девојката го пријавила случајот во универзитетската полиција околу три недели подоцна.

Нејзиниот адвокат Томас Џиуфра изјавил дека само двајца од седумте наводни силувачи биле исклучени од универзитетот, додека останатите членови на братството добиле поблаги санкции, меѓу кои и обврска да напишат есеи. Ниту еден од членовите не бил уапсен.

Девојката во тужбата наведува и дека по наводниот напад го напуштила универзитетот, од каде што, пак, во ноември 2024 година соопштиле дека спроведуваат истраги за „сериозните и длабоко вознемирувачки наводи за злоупотреба на дрога и сексуално насилство“ во куќата на братството, опишувајќи го наводното однесување како „одвратно“.

„Тоа не може да се толерира во нашата заедница“, стоело во тогашното соопштение.

По поднесувањето на тужбата, универзитетот сега на 21 септември објавил ново соопштение во кое потврдил дека се запознаени со „длабоко вознемирувачките наводи за сексуален напад во кои се вклучени членови на студентската заедница, а кои се случиле во 2024 година“.

Наведуваат дека Канцеларијата за граѓански права и Канцеларијата за студентска дисциплина и стандарди на заедницата ги истражиле наводите и донеле одлуки во согласност со универзитетските правила. Спомнатото братство на универзитетот, додаваат, и понатаму има забрана за дејствување на кампусот.

„Федералните закони за заштита на приватноста му забрануваат на ‘Корнел’ да открива конкретни информации за поединечни студенти и затоа не можеме јавно да дадеме дополнителни информации за какви било други дисциплински мерки“, се наведува во соопштението.

На Редит веќе им ги споделуваат имињата масовно.

Од универзитетот додаваат дека прекршувањето на правилата може да доведе до санкции, вклучително и суспензија или исклучување, како и дека детално ќе одговорат на наводите во рамките на судската постапка.

Може пак ќе им дадат некој есеј?

27 септември 2026 - 23:17