Во ред е да им кажете на децата дека се досадни

Прво, во ред е да си признаете дека се досадни. Не секоја глупост за која што ти вика „мамо види“ и „гледај ме“ и не сè што ќе раскаже е преинтересно и уникатно и прејако. А, сега, откако си признавте дека се досадни, време е и да дознаат: Во ред е да им кажете дека нештото што го прават е досадно и неинтересно, ако е навистина така.

Значи, никој не вика да превртиш со очи и да му речеш дека е досадно ако ти покаже цртеж со кој што се гордее, или нешто што направил/а, или раскажува нешто што го смета за возбудливо, таман работа - не сакаме да им го сечеме ентузијазмот на децата.

Ама, ако е „мамо гледај ме како скокам од камен“, притоа каменот е висок 15 сантиметри, а се дочекува стабилно на нозе, и така дваесет пати - не, нема да те гледам.

Со фалење на секоја просечна детска глупост, детето се навикнува дека сè што ќе направи е фасцинантно, па во иднина може да ја крева рампата за да воодушеви што е можно повеќе публика. Или, малку попрофесионално срочено - стекнува зависност од надворешно одобрување, што никако не е добро за неговиот карактер.

25 септември 2026 - 00:00