
Менструалната крв долго време се сметаше за отпад без особена медицинска вредност, но во последно време научниците и биотехнолошките компании сè повеќе ја истражуваат како потенцијално богат извор на информации за здравјето на жените - од откривање ендометриоза до следење хормони, а можеби и како извор на матични клетки.
Причината е што менструалната течност не е само крв - содржи ткиво од ендометриумот, клетки и различни молекули кои можат да дадат информации за состојбата на матката, а примерокот може да се собере дома, без инвазивна процедура.
„Тоа е очигледен биолошки примерок кој целосно бил занемарен“, вели Кристин Мец, истражувачка од Фајнстин институти за медицински истражувања и според неа, она што често се смета за отпад всушност може да биде „вистинско богатство“.
Компанијата NextGen Jane веќе има собрано околу 2.500 примероци од менструална крв добиени од жени кои испраќаат искористени тампони за истражување и анализираат ДНК, РНК и протеини во потрага по молекуларни показатели поврзани со различни гинеколошки состојби.
Една од главните цели е развој на едноставен тест за ендометриоза. Ова хронично заболување може да предизвикува силна карлична болка, обилни менструации и проблеми со забременувањето, а дијагнозата често доаѓа подоцна. Во моментов, дефинитивната потврда бара комплицирани процедури, па истражувачите се обидуваат да развијат неинвазивен тест што би можел да се направи со примерок од менструална крв.
Истражувањето не застанува тука. Се испитува потенцијалот на менструалната течност за откривање аденомиоза, хроничен ендометритис, миоми, синдром на полицистични јајници и некои видови рак, како и за следење на хормони, воспалителни маркери и одредени витамини.
Постојат и други пристапи. Проектот ROSE користи менструални чашки за да ги зачува живите клетки во примерокот, додека германскиот стартап Theblood истражува тестови за хормони и показатели поврзани со здравјето на циклусот и перименопаузата. Во 2025 година, истражувачи од ETH Zürich претставија и прототип на менструална влошка со сензор кој ја менува бојата во присуство на одредени протеини.
Сепак, научниците предупредуваат дека ова поле е сè уште во рана фаза. Повеќето тестови допрва треба да поминат низ дополнителни клинички истражувања и регулаторни процедури, а некои експерти предупредуваат дека комерцијалните тестови за „хормонален баланс“ и други здравствени показатели не секогаш се клинички потврдени.
Она што е уште пофасцинантно е потенцијалот од областа на матичните клетки. Менструалната крв содржи клетки поврзани со регенерацијата на ендометриумот, но сепак сме далеку од рутинска терапевтска употреба.
Засега, најголемиот предизвик се финансирањето и долгорочните истражувања, но, интересот расте. Технолошкиот институт во Масачусетс годинава започна иницијатива вредна 10 милиони долари посветена на науката за менструацијата.
Време беше.