Сино небо - еден од ретките благослови на КОВИД-19

Најзагадените градови во светот бележат огромни намалувања во загаденоста откако нѐ испозаклучија сите по дома.

Во Њу Делхи загадувањето е намалено за околу 60 проценти, 54 во Сеул, 44 во Вухан. Слично е кај Лондон, Париз, Лос Анџелес и Пекинг.

Од Њу Делхи јасно ја забележуваат разликата, со изјави како „не сум видел сино небо олку константно со години“, а во Милано, откако се преполови загадувањето, Алпите кои претходно беа скриени зад густ смог, сега повторно можат да се видат од високи места. „Имавме многу загаден и бучен град,“ вели Ана Џеромета, претседател на организацијата Граѓани за воздух. „Во последните два месеци е почист; децата што растат тука никогаш не го искусиле овој квалитет на воздух.“

Загадувањето многу влијае на здравјето, ама податоците, бројките и опасностите ги слушаме секоја зима, со оглед на тоа што сме лидери во регионот и во светот (како и обично!) по ова прашање. Ама ај, да повториме - респираторни и срцеви болести, рак на бели дробови и сродни несреќи се спомнуваат во овој контекст, а според ОН, загадувањето носи околу седум милиони животи годишно, од кои 600.000 - детски.

КОВИД-19 кризата истакнува зошто намалувањето на загадувањето во светот е од круцијална важност. Една студија од Истражувачкиот центар за енергија и чист воздух проценува дека 11,000 смртни случаи помалку имало во Европа во април и 6000 случаи помалку на астма кај деца, благодарение на почистиот воздух.

Ова ни е шанса за позитивна промена

Некои градови веќе ја искористуваат можноста за долгорочно справување со загадувањето. Минатиот месец го пофалија Милано откако објави дека ќе пробува нова шема, за зголемување на бројот на велосипедските и пешачките патеки. Париз, Барселона и Мексико Сити исто така имаат планови за проширување на велосипедската мрежа (Париз го имаме тука). Според Џеромета, ова е можност што не смее да се пропушти - „ни треба систематска промена, за да можеш да се движиш на друг начин, без кола, од каде и да тргнеш во градот.“

Заедно со намалувањето на сообраќајот, движењето кон поеколошки форми на енергија е од витална важност. Се советуваат владите да научат нешто од оваа ситуација и да ја искористат во долгорочните политики, па да се префрлат од фосилни горива на некои почисти. Ваквата промена би овозможила почист воздух, но истовремено и безбедна клима и одржлив економски развој. Со оглед на тоа колку падна нивото на загаденост откако запре светот, се гледа дека за поодговорна иднина фали само волја, само што, останува прашањето дали откако ќе заврши (кога и да е тоа) ќе научиме нешто, или ќе бидеме, како и секогаш - Дори.

11 мај 2020 - 15:25