Што се учи од врска со нарцисоидна личност?

Нарцизмот се наоѓа на спектар - не секој нарцист има нарушување на личноста, но може да има карактеристики што влегуваат во таа категорија.

Имаат грандиозно чувство за себе, имаат потреба некој да им се восхитува и да ги опсипува со внимание, ги експлоатираат другите за да ги исполнат сопствените потреби, не се многу заинтересирани за туѓите чувства и предизвикувачки им е да примат критика или фидбек.

Затоа можеби и не можете да ги дискутирате проблемите во врската со партнерот - затоа и чувствувате потреба да се извините на крај - нарцистот се мачи со каењето - не му успева и тешко препознава вистински емоции кај другите, дури и кај себе. Ова однесување се должи на несигурност или длабоко закопани трауми.

Има и различни типови на нарциси - несигурни, што се претставуваат како жртви, наспроти грандиозни, кои имаат превисоко мислење за себе и нездраво ниво на фокус како ќе се претстават пред светот.

И да повториме (затоа што не ни е прв пат), карактеристики на нарцисоидна личност, без разлика дали е наспроти вас во љубовна, семејна или пријателска врска:

  • Гаслајтинг - како форма на емотивна манипулација со која тераш некој да се посомнева во сопствената реалност, перцепција, сеќавање или разум.
  • Љубовно бомбардирање (love bombing) - кога те опсипува со подароци и внимание за да преземе контрола над врската, за потоа да го смени однесувањето и е уште една опасна форма на манипулација.
  • Грандиозност - Претерано чувство на самоважност преточено во фокус на тоа каква кола вози, каква куќа има, какви достигнувања има во животот.
  • Отсуство на емпатија - На нарцистот му е тешко да се стави во туѓа кожа и вистински да сочувствува со другите.
  • Нерасположеност - Промените во расположението им се непредвидливи; можат да те облетуваат со внимание, за кратко потоа да се однесуваат ладно.
  • Проекција - сопствената несигурност ја проектираат на другите, со обвинувања за неискреност, кога самите тие лажат.
  • Тешко се извинува - Бидејќи нема емпатија и не чувствува вина, нарцистот не разбира зошто другиот е повреден или лут, и не чувствува потреба да се извини.
  • Игнорирање граници - Да им поставиш граница е како да им поставиш пречка на патот што ги спречува да го добијат тоа што го сакаат, односно контрола. Може да реагираат негативно, или комплетно да ги игнорираат поставените граници.

Овие знаци можат и да се пропуштат, па паметно е да се внимава на следните стапици:

  • Почнуваат суптилно,
  • Имате надеж дека „ќе се смени“,
  • Имате претходна историја кога некој лошо се однесувал со вас, па го нормализирате однесувањето.

При најмал знак дека ни се паднал нарцис, психолозите советуваат дека најпаметно е да се направи чекор наназад и по секоја цена да се стави сопственото ментално здравје на прво место. Да се отфрли потребата за удоволување на сите околу себе и да не се пробува да се вразуми нарцисот. Интроспекција и граници се клучни.

И на крај, ако ептен не се снаоѓаш, и професионална помош е добредојдена.

30 ноември 2023 - 00:00