А тоа што е сериозно, не значи дека не е често и дека шансите се мали за дел од нас секојдневно да си имаат работа со луѓе со нарцистичка доминанта во личноста. Справувањето со оние најтврдокорните знае да биде тешко, збунувачко и на моменти крајно фрустрирачко. Нарцизмот, како и повеќето душевни феномени, варира според интензитетот во спектар, а и покрај тоа што постојат многу нијанси - разликуваме три главни типови нарциси.
Прикриените нарциси се најчести, а овој тип се нарекува уште и ранлив или нарцизам од затворен тип. За нив е типично тоа што си фаќаат сè при срце и што реагираат на критиките малку побурно од другите. „Иако прикриените нарциси мислат претежно на себе, тие имаат и длабок страв и чувство дека се недоволни“, објаснува клиничкиот психолог Моника Вермани.
Нескриен нарцизам е она што најчесто се мисли кога за овој феномен се зборува лаички. Ова се луѓе што очигледно ги преценуваат својата емоционална интелегенција и способности. Нешто се посигурни во себе, но имаат проблем со толеранција на чувства како тага, загриженост или осаменост.
Постојат и оние малигни случаи, каде работата е дотолку сериозна што извесно дека им прави проблем на оние кои живеат со нарушувањето во приватниот живот. Овие луѓе често стануваат антисоцијални, почнуваат со злоупотреба на супстанци и не е ретко да дојдат и во судир со законот.
Додека прикриените нарциси се главно чувствителни емовци со тендеција да глумат жртви, овие другите се понапорни и сакаат да мислат дека ги имаат работите во мал прст. Дибидус нарцисите си имаат работа со параноични интерпретации, садистички тенденции и одмаздољубие.
Е сега, откако знаеме повеќе околу целата работа, треба да се знае и дека и покрај тоа што повеќето од нас имаат нарцизам во трагови низ карактерот, потенцијално „чест“ да бидат дијагностицирани со нарцистичко растројство имаат само 5% од населението. А оние со малиген нарцизам се уште поретки билки, и тоа се оние за кои читаме по весници, по рубрики во кои никој човек не заслужува да се најде.